Зголемена реализација на капитални инвестиции во првиот квартал од 2026 година


1af08cec-75b5-4b21-8597-426d4130ce02.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Советот на Општина Гевгелија, на 9. седница, го усвои Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Гевгелија за 2026 година, за периодот јануари – март.

Од вкупно проектираниот Буџет на Општина Гевгелија за 2026 година, во висина од 887.172.293 денари, реализирани се вкупно приходи во износ од 234.994.710 денари или 26,48%, од кои 25.085.609 денари се капитални приходи, а 209.909.101 денар оперативни приходи.


Од планираните приходи во Основниот буџет во висина од 446.289.554 денари, во периодот од 01.01 до 31.03.2026 година се реализирани 29,69% или 132.350.045 денари. Исто така, реализирани се 23,55% или 91.409.706 денари од планираните 388.210.101 денар приходи од дотации, 22,42% или 6.746.596 денари од планираните 29.947.638 денари приходи од донации и 19,22% или 4.367.363 денари од планираните 22.725.000 денари приходи од самофинансирачките активности на буџетските корисници од дејностите образование, култура и детска заштита.

Реализираните капитални приходи во Основниот буџет на Општина Гевгелија учествуваат со 2,53% или 3.349.032 денари.

Вкупните расходи во Кварталниот извештај изнесуваат 222.967.575 денари, од кои 54.159.479 денари се капитални расходи или 24,29%, а 168.808.096 денари се тековно-оперативни расходи.

Во структурата на реализираните расходи на Основниот буџет во висина од 132.350.045 денари, капиталните расходи учествуваат со 53.138.791 денари или 40,10%, додека останатиот дел се однесува на тековно-оперативни расходи во висина од 53.138.791 денар.

Нереализираните приходи, односно средства во вкупниот Буџет на Општина Гевгелија во износ од 12.027.135 денари, од овој извештај се пренесуваат во наредниот период како приходи од блок дотации во износ од 5.340.769 денари и приходи од донации во износ од 6.686.366 денари.

Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, во рамки на расправата за Кварталниот извештај за реализацијата на Буџетот за првиот квартал од годината, се осврна на клучните финансиски показатели.

– Гледајќи ги бројките, реализацијата на Буџетот е на високо ниво, особено ако се има предвид дека во првиот квартал традиционално се бележи пониска реализација. На приходната страна се забележува значително учество на даночните приходи, кое изнесува околу 44,38%, што укажува на стабилна сопствена приходна база и солидна наплата на локалните даноци. Посебно се издвојува високата реализација кај данокот на промет, со приходи во износ од 9.743.124 денари, како и приходите од уредување на градежно земјиште (комуналии), кои достигнуваат 22.841.068 денари. Овие показатели упатуваат на зголемена стопанска активност на подрачјето на Општина Гевгелија. Во однос на приходите од ДДВ, во првиот квартал се реализирани 14.272.260 денари.

Посебен акцент беше ставен и на капиталните расходи, каде што се бележи интензивна динамика во реализацијата на инфраструктурните проекти на подрачјето на општината.

– Во делот на капиталните расходи е евидентно зголемување на процентот на реализација, како резултат на интензивната динамика на спроведување на инфраструктурните проекти. Во текот на првиот квартал се реализираат или се во напредна фаза повеќе значајни проекти на територијата на општината. Започна реконструкцијата на улицата „Маршал Тито“, а во завршна фаза е реконструкцијата на Старата чаршија. Во тек е изградбата на улицата „Новопланирана 7“ кај ЈП „Комуналец“. Извршено е внатрешно опремување на доградениот објект на Детската градинка „Сончогледи“, како и партерно уредување со паркиралиште. Во завршна фаза е изградбата на фекалниот колектор во Блок 12, на потегот од кружниот тек до дискотеката „Де Факто“. Завршена е изградбата на фекалната канализација, а во тек е изградба на водоводен систем на улицата „Александар Бел“.

Паралелно, во завршна фаза се и активностите за уредување на паркот со детско катче кај булеварот, како и детското катче кај Касарната. Се реализира и изградба на атмосферска канализација на улиците „Кукушка“, „Петар Мусев“, „Ванчо Прке“ и „Гоце Делчев“. Во тек е реконструкцијата на старото училиште во Серменин. Завршена е изградбата на фекална канализација на улиците „Караорман“, „Леонид Јанков“, „Радован Ковачевиќ“ и „Новопланирана 2“ кај „Сончогледи“, како и изградбата на канализациона и водоводна мрежа на улиците „Кожуф“, „Миле Пецанов“, „Панче Пешев“, „Караорман“ и „Ристо Јанев“. Дополнително, завршена е изградбата на пешачката патека во Негорци, на потегот кон Прдејци, додека во завршна фаза е и изградбата на нов модерен парк во Негорци. Реализирана е реконструкцијата на влезната улица во Моин, како и изградбата на фекална канализација во Милетково- истакна Сарамандов.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK