Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аргачи, денеска ги обвини Соединетите Американски Држави дека се одговорни за пропаста на мировните преговори во Пакистан, откако пристигна во Русија каде што треба да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.
„Американскиот пристап доведе до тоа претходниот круг преговори, и покрај одреден напредок, да не ги постигне своите цели поради прекумерни барања“, изјавил Арагчи, пренесоа иранските државни медиуми.
Тој додал и дека „безбедноста на пловидбата низ Ормускиот Теснец е големо глобално прашање“, додека САД и Иран продолжуваат со блокадата на тој стратешки поморски правец.
Иран преку пакистански посредници му доставил на Вашингтон предлог за повторно отворање на Ормускиот Теснец и завршување на војната, објави американскиот медиум Аксиос.
Во иранскиот предлог, нуклеарните преговори се одложени за подоцнежна фаза.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, бара договорот да содржи одредба дека Иран „не смее да поседува нуклеарно оружје, бидејќи во спротивно нема причина за состанок“.
Путин денеска треба да го прими Арагчи, кој е во дипломатска мисија насочена кон обезбедување поддршка во спорот со Вашингтон.
Надежите за обновување на мировните напори се намалија откако Трамп ја откажа посетата на своите пратеници за Исламабад, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, иако Арагчи продолжил да патува меѓу посредничките земји.