Преговорите меѓу Вашингтон и Техеран, доколку се водат без учество на нуклеарни експерти и без поширок поглед на безбедносната улога на Иран, би можеле да доведат до слабеење на идниот договор и создавање уште поопасна ситуација на Блискиот Исток, предупреди високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.
Како што објави „Гардијан“, Калас процени дека евентуалниот договор, доколку преговорите се сведат исклучиво на иранската нуклеарна програма, а на преговарачката маса нема експерти за нуклеарно право, би можел да биде послаб од Заедничкиот сеопфатен план за акција, познат како договор за иранската нуклеарна програма.
„Ако преговорите се фокусираат исклучиво на нуклеарната програма и нема експерти за нуклеарно право на масата, ќе завршиме со договор кој е послаб од Заедничкиот сеопфатен план за акција за нуклеарната програма на Иран“, рече Калас.
Таа предупреди дека прашањето за Иран не може да се ограничи само на нуклеарниот аспект, туку мора да ја вклучи ракетната програма на Техеран, неговата поддршка на сојузничките вооружени групи, како и хибридните и сајбер активностите во Европа.
Според неа, доколку овие прашања останат надвор од преговарачката рамка, исходот би можел да биде спротивен од она што се очекуваше – не намалување, туку зголемување на заканите што доаѓаат од Иран.
„Ќе добиеме уште поопасен Иран“, нагласи Калас.
Разговорите, кои се водат со посредство на Исламабад, досега не донесоа никаков видлив напредок, додека европските дипломатски кругови сè повеќе предупредуваат дека секој нов договор би морал да биде поширок и посилен од претходниот нуклеарен договор.