Тошковски од Атина: Заеднички и координиран одговор на криминалот и тероризмот, зајакната соработка со Грција


3-9.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Атина учествуваше на министерскиот состанок на Акаба процесот посветен на борбата против организираниот криминал и тероризмот на Балканот, каде се обрати на првата сесија за идентификување на заканите и проценка на испреплетеноста на организираниот криминал, трговијата со дрога и тероризмот и предизвиците кои тие ги носат.


Во своето обраќање, Тошковски нагласи дека безбедносната реалност во регионот и пошироко е значително променета, при што организираниот криминал, трговијата со дрога и тероризмот сè почесто се испреплетуваат и функционираат како единствена, хибридна закана.

„Денес веќе не можеме да ги третираме криминалот и тероризмот како одвоени појави. Тие се дел од ист механизам кој се потпира на заеднички канали, финансии и логистика и бара координиран, заеднички одговор од сите нас“, истакна Тошковски.

Тој потенцираше дека ваквите закани се транснационални и директно ја поврзуваат безбедноста на државите, нагласувајќи дека е неопходно зајакнување на регионалната и меѓународната соработка, размената на информации и координацијата меѓу безбедносните и разузнавачките служби.

Воедно, министерот се осврна и на конкретните предизвици со кои се соочува регионот, како што се злоупотребата на транспортните коридори, неформалните економски текови, корупцијата, како и новите технологии кои овозможуваат полесно делување на криминалните и екстремистичките мрежи.

Во рамки на посетата, Тошковски оствари билатерална средба со министерот за заштита на граѓаните на Грција, Михалис Крисохоидис, на која беа потврдени одличните билатерални односи и подготвеноста за нивно понатамошно унапредување.

На средбата беа разгледани клучни прашања од заеднички интерес, при што акцент беше ставен на зајакнување на соработката во борбата против организираниот криминал, трговијата со дрога и нелегалната миграција, како и на унапредување на размената на информации и оперативната координација.

Исто така министрите се осврнаа на изнаоѓање заеднички решенија за надминување на предизвиците произлезени од имплементацијата на новиот систем за влез/излез на ЕУ (ЕЕС), со посебен акцент на намалување на времето на чекање на граничните премини во пресрет на туристичката сезона.

Министрите разговараа и за текот на постапките за усогласување на билатералниот договор за соработка во борбата против криминалот, како и за протоколот за реадмисија, кој има за цел унапредување на процедурите за враќање на лица кои нелегално престојуваат.

Дополнително, беа разменети информации за актуелната состојба со нелегалната миграција, при што беше нагласена потребата од координиран и сеопфатен пристап во справувањето со овој предизвик на регионално ниво.

Двајцата министри ја потврдија заедничката определба за продлабочување на соработката и зајакнување на безбедноста во регионот преку конкретни, координирани и одржливи активности, со цел обезбедување поголема сигурност за граѓаните на двете држави и пошироко.

На покана на министерот Тошковки, министерот Крисохоидис ќе ја посети нашата држава со цел унапредување на соработката пред се во борбата со организираниот криминал и заедничко изнаоѓање на решенија за предизвиците со кои се соочуваме

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK