Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска се обрати на настанот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, со кој беше означен почетокот на значаен проект во областа на сајбер безбедноста, што ги поврзува академската заедница, институциите и меѓународните партнери.
Во своето обраќање, истакна дека дигиталната трансформација не значи само воведување нови технологии и услуги, туку и создавање безбедна, отпорна и доверлива дигитална држава.
„Денешниот настан има поширока порака: дека Македонија не чека да реагира кога ќе се случи проблем, туку проактивно гради систем. Систем што ќе биде европски по стандарди, национален по одговорност и партнерски по пристап“, порача Андоновски.
Министерот нагласи дека сајбер безбедноста е поставена како еден од врвните приоритети на Министерството за дигитална трансформација, потсетувајќи на клучните чекори преземени во изминатиот период: донесувањето на Националната стратегија за сајбер безбедност 2025–2028, воспоставувањето на законската рамка усогласена со NIS 2 директивата на Европската Унија, формирањето на Секторот за сајбер безбедност во рамки на Министерството, како и отворањето на Владиниот центар за одговор на сајбер инциденти – MKD GOV CIRT.
Андоновски посочи дека долгорочната сајбер отпорност не може да се изгради само преку стратегии, закони и институции, туку преку луѓе, знаење, вежби, доверба и партнерства. Во таа насока, тој ја истакна важноста на академските институции и на меѓународната соработка, особено со Соединетите Американски Држави.
„Ако сакаме долгорочна сајбер безбедност, мора да инвестираме не само во технологии, туку и во кадар“, истакна министерот.
Тој додаде дека со овој проект Универзитетот „Гоце Делчев“ станува регионален хаб за тренинг и сертификација на сајбер-професионалци, што претставува значаен придонес кон развојот на една од клучните професии за иднината.