Со гала концерт под наслов „Љубов“ на 12. јули на Античкиот театар во Охрид свечено ќе биде отворено 66.издание на фестивалот „Охридско лето“. Под диригентската палка на Марко Боеми од Италија а во придружба на оркестарот на Националната опера на Македонија ќе настапат големата оперска дива Ермонела Јахо сопран од Албанија исветски реномираниот тенор Чарлс Кастроново од САД.
Ова денеска на прес-конференција го најави директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, заедно со останатата програма на претстојното фестивалско издание.
Од 12. јули до 20. август, на Античкиот театар, во црквата „Света Софија“ и во нејзиното предворје, во Центарот на култура „Григор Прличев“, како и на сцената Долни Сарај ќе бидат реализирани вкупно 48 настани со учество на повеќе од 700 уметници од 24 земји од Европа и светот со што дополнително се потврдува меѓународната димензија и позиција на фестивалот на културната мапа.
– Ова лето на сцените на фестивалот ќе настапат светски афирмирани уметници како пијанистот Александер Мелников, виолинистот Стефан Миленковиќ, пијанистката Исата Кане-Мејсон, како и истакнатиот пијанист Вадим Холоденко. Фестивалската публика ќе има можност да ужива и во настапите на бројни камерни ансамбли и оркестри од Европа и светот, како и престижната регионална Загрепска филхармонија под диригентската палка на Давид Рунц, која доаѓа во полн состав со 70 изведувачи на сцена.Првпат, фестивалот ќе биде домаќин на два интернационални симфониски оркестри, меѓу кои и кинескиот симфониски оркестар „Нингбо“, препознатлив по своите динамични настапи и уметничка впечатливост, рече директорот Цуцковски.
Покрај уметници од светот на класичната музика, „Охридско лето“ ќе донесе и квалитетни и атрактивни џез уметници кои ќе ја збогатат понудата за овој вид музика во регионот и пошироко.
– На барање на публиката, по успешната џез-вечер минатата година, на сцената на Долни Сарај ќе се реализира програмата „OH JAZZ“(Охрид џез), во чии рамки се предвидени четири спектакуларни џез вечери со учество на врвни домашни и странски музичари, меѓу кои светската џез-ѕвезда Нубаја Гарсија, резидент артистот Петер Сомуа, како и настапот на Националниот џез оркестар на Македонија, појасни првиот човек на „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Што се однесува до драмската програма, како што кажа тој, и годинава таа зазема значајно место во фестивалската понуда.
– Публиката ќе има можност да проследи повеќе премиерни и гостински театарски продукции, меѓу кои премиерата на претставата „Татко“ од Флоријан Зелер во режија на Иван Поповски, претставата „Кориолајн“ од Вилијам Шекспир во режија на Џон Блондел, како и „Буре барут“ од Дејан Дуковски во режија на Дејан Пројковски, еден од најочекуваните театарски настани кој премиерно ќе биде изведен на Свеченото затворање на фестивалот, додаде директорот Цуцковски.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, рече дека програмата е квалитетна, иновативна и внимателно конципирана што, според него, потврдува дека „Охридско лето“ не е
само сцена, туку сведоштво за посветеноста кон културата како двигател на општествениот развој и како вредност што обединува.
– Станува збор за програма која внимателно ги спојува традицијата и современите уметнички текови, нудејќи доживување достојно за угледот на фестивалот кој над шест децении претставува симбол на уметничкиот и културен континуитет, афирмирајќи ја нашата земја како значајна дестинација на светската културна мапа. Ние како министерство, остануваме силно посветени на поддршката на вакви настани кои ја афирмираат нашата култура на меѓународната сцена, но и го развиваат културниот туризам како важен сегмент од националната економија, истакна министерот Љутков.
Во рамки на годинешната програма ќе се одржат и два значајни јубилејни настани, меѓу кои и одбележувањето на 100 години од раѓањето на оперската примадона Ана Липша- Тофовиќ, со промоција на монографијата посветена на нејзиниот лик и дело. „Охридско лето“ ги отвора сцените и за младите уметници, преку програмите „Rising stars“ и „Подиум на млади“ со што ја потврдува својата поддршка за новата генерација таленти и нивниот уметнички развој.
Нема да изостанат ниту вечерите што „Охридско лето“ традиционално ги организира во соработка со амбасадите на странските држави во земјава како што се Австриска вечер, Шпанска, Италијанска, Француска, Холандска, Грчка вечер, Вечер на ЕУ како и Унгарска и Полска вечер.
На денешната прес-конференција, првиот човек на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, се заблагодари на министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, како што рече, за несебичната поддршка кон оваа значајна институција, а упати благодарност и до покровителот на фестивалот, Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, до генералниот спонзор А1 Македонија и главниот извршен директор на оваа компанија, Методија Мирчев, до целиот дипломатски кор, до Општина Охрид, спонзорите и поддржувачите, до медиумите, како и до тимот на фестивалот заедно со селекторите на музичката и драмската програма, Симона Ѓорчева и Ненад Витанов.
Инаку, на прес-конференцијата беше најавено дека денеска започнува и онлајн продажбата на билети за фестивалските настани, со што, на публиката ѝ се овозможува поедноставен, побрз и современ начин на пристап до програмата.