По неколкумесечни подготовки, оригиналниот македонски мјузикл „Као Какао“ конечно ги доби своите премиерни датуми. Првите изведби ќе се одржат на 2 и 3 јуни во Македонскиот народен театар, со почеток во 20:30 часот.
„Као Какао“ е мјузикл инспириран од музиката на Влатко Стефановски, автор чиј звук со децении е дел од музичката меморија на публиката. Во претставата се вклучени избрани композиции, кои добиваат нов живот преку аранжмани подготвени специјално за оваа продукција.
Станува збор за мелодрамска љубовна приказна сместена во седумдесеттите години, каде што љубовта и амбицијата се судираат со ограничувањата на времето. Во обидот да успеат и да останат свои, младите ликови се соочуваат со притисоците на средината, стереотипите и сопствените стравови. Музиката на Влатко Стефановски е вградена во самата драматургија – таа не ја следи приказната, туку ја движи, ја носи емоцијата и ги отвора внатрешните светови на ликовите. Преку новите аранжмани, познатите композиции стануваат дел од сценскиот јазик, создавајќи силна врска меѓу личната приказна и духот на времето.
Продуцент на проектот е „Баги комуникации“, во копродукција со Македонскиот народен театар.
– По подолг креативен процес, доаѓаме до моментот кога проектот конечно излегува пред публиката. Премиерните датуми се важна точка, не само како старт, туку како потврда дека создадовме дело во кое вложивме многу верба, енергија и посветеност. Веруваме дека публиката ќе препознае нешто свое во оваа приказна – велат продуцентите од Баги комуникации.
Текстот го напиша Венко Андоновски, а режијата е на Дејан Пројковски, кој истакнува дека пред тимот стои предизвик да се создаде дело што ќе комуницира и локално и регионално.
– Работиме на мјузикл кој ќе има свој јазик, своја емоција и свој идентитет. Нашата амбиција е да создадеме претстава што ќе ја задржи публиката, но и ќе отвори простор за нови сценски искуства кај нас. Предизвикот е да се најде точниот баланс меѓу емоцијата и формата и да се создаде театар што е жив, непосреден и искрен, а истовремено прецизно структуриран. Премиерата е само почеток на еден подолг живот на овој проект, вели Дејан Пројковски.
Аранжманите ги потпишува Бобан Мирковски, кореографијата е на Олга Панго, а сценографијата на Валентин Светозарев. Костимографијата е на Марија Пупучевска, додека вокален ментор е Ана Костадиновска. Асистент кореограф е Ирена Лозинска, а асистент костимограф Марија Ѓоргиевска.
Во мјузиклот настапуваат: Катерина Јовановиќ, Владимир Петровиќ, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Јордан Симонов, Рубенс Муратовски, Тања Кочовска, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Григор Јовановски, Стефан Спасов, Антонио Ташковски, Наталија Теодосиева, Денис Абдула, Јована Спасиќ, Димитар Паскоски, Илин Јовановски, Тодор Стојковски, Бранко Михајловски, Ѓорге Нешковиќ, Анастасија Трајковска, Јована Миладинова, Анастасија Митровска и Леонида Гулевска.
Продажбата на влезниците ќе започне наскоро, а поради веќе големиот интерес, овозможен е ран пристап до билети преку формата достапна на социјалните профили на мјузиклот.
Проектот „Као Какао“ е реализиран со поддршка на Триглав Осигурување Македонија, Шпаркасе банка, Тиквеш, Виталија, Божиновски – часовници и накит, како и Министерството за култура и туризам.