Претставникот на Доналд Трамп побарал од ФИФА да го замени Иран со Италија на претстојното Светско првенство, објави во среда „Фајненшл тајмс“.
Овој предлог наводно е обид за санирање на односите меѓу Трамп и италијанската премиерка Џорџа Мелони, по заладувањето предизвикано од критиките на американскиот претседател кон папата Лав во врска со војната со Иран, објави весникот повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата.
„Потврдувам дека им предложив на Трамп и на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, Италија да го замени Иран на Светското првенство. Како роден Италијанец, мој сон е да ги видам „Азурите“ на турнир што се одржува во САД. Со четири титули, тие имаат историја што го оправдува нивното учество“, изјави специјалниот претставник на САД, Паоло Замполи, за „Фајненшл тајмс“ (FT).
Белата куќа, ФИФА, Италијанската фудбалска федерација и Иранската фудбалска федерација не одговорија веднаш на барањата на „Ројтерс“ за коментар.
Во март, Италија доживеа голем шок, бидејќи националниот тим не се квалификуваше за Светското првенство трет пат по ред, откако загуби од Босна и Херцеговина на пенали во финалето од баражот на квалификациите.
„Фајненшл тајмс“ исто така објави дека Иран во средата објавил дека е подготвен за турнирот и планира да учествува, но „Ројтерс“ не можеше независно да ја потврди таа информација.