Доделена наградата за најдобар млад џез-музичар „Гоце Димитровски“на Христијан Ристески


img_9984.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Годинашниот лауреат на наградата „Гоце Димитровски“ за најдобар млад џез-музичар за 2025, која традиционално се доделува секоја година во рамките на Џез фактори фестивалот во Битола, е саксофонистот Христијан Ристески, музичар кој живее и работи во Австрија и се издвојува со својот јасен и современ израз. Свеченото врачување на наградата се одржа во НУ Народен театар Битола.


„Чест и задоволство ми е да бидам овде. Оваа награда значи едно препознавање на цел овој труд кој сум го вложил низ годините и таа желба која сум ја имал за музиката и џез музиката и е едно препознавање на сиот тој труд. Мислам дека континуитетот е многу битен, бидејќи во оваа работа се соочуваме со доста тешки моменти и тешки периоди. Меѓутоа мора да се продолжи и да се оди напред и нема застанување. Едноставно мислам дека љубовта кон музиката е главниот двигател за сето тоа“, изјави Ристески.

Наградата од оваа година доби дополнително зајакнување преку партнерството со Синпекс, како поддршка за нејзиниот понатамошен развој.

„Културата не е трошок, туку инвестиција во вредности што остануваат. Поддршката на вакви настани значи создавање услови сцената да се развива и да добива континуитет,“ изјави Христина Фуна од Синпекс/UTOPIA, која ја додели наградата и додаде:

„Задоволство ми е да бидам дел од фестивалот и им честитам на “Џез фестивалот“ за организирањето веќе девет години. “Синпекс“ како компанија е поддржувач на културните настани, а воедно, земајќи ја во предвид важноста на џезот, ние секогаш го поддржуваме. Посебно ми е задоволство да ја доделам оваа награда на младиот Христијан. Ова не е само посебно признание, тоа е глас кој допрва ќе се слуша, а ова ќе биде само една страница од неговата музичка кариера“.

Во оваа соработка на Џез фактори фестивалот и Синпекс, важна улога има и личната поврзаност со џезот – Синиша Петровиќ, еден од основачите на Синпекс, кој е долгогодишен љубител на џез музиката и посетител на концерти ширум светот, што придонесе за природното поврзување меѓу фестивалот, Синпекс и UTOPIA како дел од програмата. Токму во Утопија љубителите на џезот, имаа можност да присуствуваат на концертот на Ристески квартетот. Визуелниот идентитет на наградата, вклучувајќи ја и нејзината форма, е дело на Ања Ристевска. Во изминатите години, наградата ја добија: Александар Ванчовски, Филип Динев, Александар Бошков, Јован Цветковиќ, Давид Скерлевски и Теодор Јаневски – имиња што ја поставуваат јасната линија во која годинава се впишува и Христијан Ристески.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK