Израел сè уште не ја „завршил работата“ против Хезболах, а целта за распуштање на либанското исламистичко движење „нема да се постигне утре“, изјави денес израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, на првиот ден од десетдневното примирје и кратко пред САД да објават дека на Израел му е забрането да го напаѓа својот северен сосед.
Војната против шиитското милитантно движење поврзано со Техеран, обновена на 2 март, овозможи да се постигнат „значајни резултати“, рече Нетанјаху во видео порака.
Тој тврди дека „имало две закани“ од Либан кои биле „отстранети“, „непосредната закана од инфилтрација на илјадници терористи“ на израелска територија и „150 илјади ракети наменети за уништување на израелски градови“.
Израелскиот премиер тврди дека „90 проценти од залихите на ракети и бази“ „собрани“ од Хасан Насралах, лидерот на Хезболах убиен во израелски напад во септември 2024 година, се уништени. Тој додаде дека „денешната Хезболах е само сенка од она што беше во најмоќните години на Насралах“.
Но, тврди Нетанјаху, работата „сè уште не е завршена“. Израел има „друга цел што нема да се постигне утре, а тоа е распуштањето на Хезболах, што бара трпение, упорност и мудра дипломатија“.
Кабинетот на премиерот Нетанјаху го објави видеото кратко пред американскиот претседател Доналд Трамп да објави на својата социјална мрежа Truth Social дека му забранил на Израел понатамошно бомбардирање на Либан.
„Израел повеќе нема да го бомбардира Либан. Тоа е забрането сега“. „Она што е премногу е премногу!!!“, објави републиканецот на својата социјална мрежа.
Нетанјаху еден ден претходно објави дека го прифатил предлогот на Трамп за 10-дневно примирје на либанскиот фронт, велејќи дека прекинот на огнот му дал на Израел „можност за историски мировен договор со Либан“.
„За прв пат по 43 години, претставници на државата Израел разговараат директно со претставници на државата Либан“, рече тој денес. „Патот кон мирот е сè уште долг, но ние го започнавме“, заклучи Нетанјаху.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац, пред објавата на Трамп, изјави дека воената операција во Либан „не е завршена“, неколку часа откако стапи на сила 10-дневното примирје, предупредувајќи дека либанските цивили што се враќаат на југ можеби ќе мора повторно да бидат евакуирани.
„Маневрите на терен во Либан и нападите против Хезболах овозможија постигнување на бројни цели, но операцијата не е завршена“, рече министерот во снимена изјава.
„Безбедносната зона е исчистена од борци и оружје, нема жители, а отстранувањето на терористичката инфраструктура ќе продолжи, вклучително и уништувањето на куќи во села на фронтовските линии кои де факто станаа терористички упоришта“, додаде тој.