Нa третиот ден од Велигден, во Миравци, пред бројна публика- од граѓани, љубители на фолклорот и гости од земјата и странство, годинава се одржа уште едно впечатливо издание на манифестацијата „Ѓура Мара“- симбол на културниот идентитет и колективната меморија на овој крај. На овој традиционален настан присуствуваше и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, заедно со членови на Советот на Општина Гевгелија и други функционери.
И оваа година централно место имаше легендата за убавата Мара- приказна што се пренесува од генерација на генерација. Во нејзината сценска интерпретација учествуваа и повозрасните и најмладите миравчани, потврдувајќи дека традицијата има сигурна иднина. Во програмата беа изведени познатите изворни песни „Собрале ми се набрале“, „Бој се бие“, „Цуцул пасе говеда“ и „Ај да го играме плетеното оро“, а преку драмска игра беше прикажан обидот за грабнување на Мара од турските војници и херојскиот подвиг на нејзиниот брат Ѓуро, односно нејзиното спасување.
Исто така, публиката имаше можност да ужива во разновидни традиционални игри и песни, кои донесоа дух на различни култури и уште еднаш ја потврдија моќта на фолклорот како универзален јазик. Миравци беа домаќини на: КУД „Живојин Жико Мандиќ“ од Кнежеви Виногради, Република Хрватска, КУД „Браќа Минкови“ од Струмица, Женската пејачка група „Ѓердан“ од Штип, како и гости од Општина Пајонија (Крива), Република Грција.
Значаен придонес во организацијата дадe КУД „Танец“- Миравци, коe со својата посветеност и љубов кон традицијата го одржува настанот жив што остава траен впечаток. Благодарение на него, „Ѓура Мара“ не е само настан во календарот, туку вистинско културно доживување што ги обединува луѓето и ја зацврстува заедницата. Токму преку нив, културното наследство не останува запишано само во историјата, туку се пренесува, се надградува и продолжува да живее во современиот контекст.
По повод одржувањето на манифестацијата, градоначалникот Сарамандов истакна:
– Приказната за убавата Мара, пренесувана низ генерациите, прерасна во вековна традиција што ги обединува мештаните и го чува нашето културно наследство. Честитки до организаторите од КУД „Танец“- Миравци, како и до сите гости и учесници за одличната организација и прекрасна атмосфера. Наша заедничка обврска е негување на македонската традиција.
„Ѓура Мара“ уште еднаш покажа дека традицијата е жива и динамична вредност што ги обединува жителите на Миравци и пошироко. Нејзиното континуирано одржување во колективниот календар е поддржано од Општина Гевгелија преку Програмата за финансирање програми и проекти од областа на културата за 2026 година, заедно со останатите активности на КУД „Танец“- Миравци.