Четири француски области под црвено предупредување за поплави поради бурата „Педро“


Depositphotos_111810808_XL.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Четири департмани во Франција – Жиронда, Ло-ет-Гарон, Шарант-Мортим и Мен-ет-Лоара се уште се под црвено предупредување за поплави поради бурата „Педро“ што ја погоди земјата, додека 15 други области се под портокалово ниво на тревога.


Во градот Анже, се очекува нивото на водата на реката Мен да го надмине нивото од јануари 2000 година и би можело да достигне 6,12 метри, со понатамошен раст до петок, објави порталот „BFM TV“.

Во Либурно, општинскиот план за вонредни состојби беше активиран за прв пат откако реката се искачи за повеќе од 1,30 метри за помалку од еден час.

Врвот на бранот сè уште не е достигнат, а прогнозите покажуваат дека нивото би можело да го надмине рекордот од 1999 година.

Во Бордо, се очекува нивото на водата на Гарона да биде речиси седум метри, што е највисоко ниво од 1999 година.

Планот за вонредни ситуации беше активиран, беа отворени сали за евакуираните, а на терен беа распоредени повеќе од сто пожарникари.

Во Понт-Авен во департманот Финистер, властите, со помош на цивилната заштита, инсталираа брана против поплави за заштита на објектите, со што се спречи, како што истакнува „BFM TV“, можна еколошка катастрофа.

Во исто време, четири алпски департмани – Горна Савоја, Савоја, Јизера и Горње Алпи се под портокалово предупредување поради висок ризик од лавини, со најава за „многу големи лавини“ што би можеле да се спуштат во долините и да ја погодат инфраструктурата.

Портокалово предупредување за силни ветрови е издадено и за департманите Пиринеи-Ориентали и Од, додека целиот атлантски брег е под тревога за бранови и крајбрежни поплави поради екстремно високи плими.

Метеоролошките служби повикуваат на зголемена претпазливост поради комбинацијата од обилни врнежи од дожд, ветер и заситена почва по претходните бури.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK