Утре прв состанок на Одборот за мир на Трамп


tramp-Depositphotos_105898280_XL.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Американскиот претседател Доналд Трамп утре ќе претседава со првиот состанок на Одборот за мир, во сенка на нерешени прашања за иднината на Газа, на настан на кој ќе учествуваат претставници од повеќе од 45 земји.


Разоружувањето на Хамас, фондот за реконструкција и протокот на хуманитарна помош до палестинската енклава се прашања што ќе ја тестираат ефикасноста на Одборот во наредните недели и месеци. Се очекува Трамп да објави дека членовите досега собрале 5 милијарди долари за реконструкција на Газа, вклучувајќи по 1,2 милијарди долари од Обединетите Арапски Емирати и Кувајт.

Одборот за мир е контроверзен бидејќи го вклучува Израел, но не и Палестинците, поради тоа што според замислата на Трамп би требало да се занимавала и со други прашања освен Газа, што предизвика загриженост дека би можела да се намали улогата на ОН како главна платформа за глобална дипломатија и решавање на конфликти.

Високи американски претставници, исто така, изјавија дека Трамп ќе објави дека неколку земји планираат да испратат илјадници војници во Меѓународните сили за стабилизација за да помогнат во одржувањето на мирот во Газа. Се очекува делегации од 47 земји, вклучувајќи ја и Европската Унија, да присуствуваат на настанот. Но, постојаните членки на Советот за безбедност на ОН, Франција, Велика Британија, Русија и Кина, нема да присуствуваат на состанокот.

Покрај Трамп, меѓу говорниците ќе бидат и државниот секретар на САД, Марко Рубио, американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, поранешниот британски премиер Тони Блер, за кого се очекува да има висока позиција во Одборот, амбасадорот на САД во ОН, Мајк Валц, и високиот претставник за Газа, Николај Младенов.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK