Скопје, 17.2.2026 г. – А1 Македонија официјално ја започна новата сезона предавања од едукативната програма за деца „Кликај безбедно!“, со што продолжува реализацијата на иницијативата и во второто полугодие од учебната 2025/2026 година.
Новиот циклус работилници стартуваше во просториите на А1 Македонија, каде што гости беа учениците од четврто одделение од ООУ „Гоце Делчев“ од Скопје.
„Кликај безбедно“ е програма наменета за најмладите, преку која вработените во А1 Македонија, со интерактивни и едукативни предавања приспособени на возраста и на наставната програма, веќе ОСУМ години по ред ги едуцираат четвртоодделенците за безбедно користење на интернетот. Преку практични примери и разговор, учениците учат како да ги заштитат своите лични податоци и како одговорно да се движат низ дигиталниот свет.
„Проектот продолжува за да одговори на се поголемата потреба од едукација и освестување во дигиталното време во кое живееме. И годинава, преку серија интерактивни работилници, децата ќе имаат можност да научат како да ги заштитат своите лични податоци, да препознаваат и спречуваат различни форми на онлајн насилство, да разберат како функционира вештачката интелигенција, како и да развијат одговорни и безбедни навики при користењето интернет. Со оглед на брзиот развој на технологијата и новите предизвици што тој ги носи, нашите посветени волонтери повторно ќе им бидат поддршка на најмладите во нивното онлајн патување. Со гордост ја продолжуваме оваа иницијатива, која ја поттикнува дигиталната писменост и безбедност кај децата“, изјави Бранкица Толевска, раководителка на Одделот за корпоративна стратегија, бизнис трансформација и корпоративни комуникации во А1 Македонија.
„Во време кога технологијата е неизбежен дел од секојдневието, од клучно значење е децата да се едуцираат како безбедно и одговорно да го користат интернетот. Го поздравувам постојаното залагање на А1 Македонија во насока на унапредување на дигиталната писменост кај младите и нивно охрабрување да ги препознаваат и избегнуваат онлајн ризиците. Заедно со наставниците, педагогот и родителите, работиме на тоа да изградиме безбедна онлајн заедница, во која секое дете ќе може да учи, да се изразува и да напредува во дигиталниот свет“, изјави директорката на училиштето, Маја Ангелова.
До крајот на учебната година се предвидени 10 работилници во Скопје и во неколку градови низ државата. Од 2018 година досега, предавањата од програмата „Кликај безбедно!“ ги проследиле повеќе од 8.500 четвртоодделенци.
Програмата се реализира во соработка со Министерство за образование и наука, со одобрение од Биро за развој на образованието, како и во партнерство со Министерство за дигитална трансформација преку проектот MKSAFENET.
Повеќе информации за едукативната програма „Интернетот не е само игра. Кликај безбедно“ се достапни на веб-стрaницата на А1 Македонија на Дигитална писменост – A1.