ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Венко Филипче ја составил техничката спецификација за модуларната болница во Тетово без соодветен елаборат за електрична енергија и без целосно почитување на безбедносните стандарди.
Од партијата тврдат дека Светска банка одобрила 30 милиони евра за изградба на модуларните болници, додека реалната цена по која биле изградени објектите изнесувала околу 300.000 евра.
„Јавноста има право да знае каде завршиле парите и зошто профитот бил поважен од безбедноста на граѓаните“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека во здравството не смеело да се дозволуваат калкулации и импровизации за остварување личен профит.
Партијата се повикува и на, како што наведуваат, јавно изнесени тврдења на поранешната обвинителка Лејла Кадриу, според кои во обвинението биле опфатени само медицинскиот и економскиот директор на тетовската болница, додека Филипче бил надлежен за техничката документација.
„Се поставува прашањето зошто бил заштитен од правосудните органи“, стои во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Јавното обвинителство, согласно законите и доказите, целосно, темелно и неселективно да го расветли случајот со модуларната болница во Тетово.