Денес во Собранието, се одржа заедничка седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања. На седницата присуствуваа претставници на дипломатскиот кор, меѓу кои и амбасадорот на Република Кипар, Андреас Фотиу; министерот за европски прашања, Беким Сали; пратеници, претставници на медиумите, како и членови на граѓанскиот сектор и граѓански организации.
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, и претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски, ги поздравија присутните и му дадоа збор на кипарскиот амбасадор, кој одржа презентација за Програмата и приоритетите на Кипарското претседателство со Советот на Европската Унија за периодот јануари – јуни 2026 година.
Во своето обраќање, амбасадорот го претстави мотото „Автономна Европа, отворена кон светот“, истакнувајќи ги приоритетите за зајакнување на безбедноста и одбранбената подготвеност, унапредување на конкурентноста, отвореност кон светот, промоција на европските вредности и обезбедување долгорочна стабилност на Европската Унија.
Тој нагласи дека Северна Македонија е важен дел од процесот на проширување на Европската Унија, ги поздрави спроведените реформи во државата и ги охрабри континуираните напори за натамошно унапредување на европската интеграција.