Северна Кореја објави дека успешно тестирала нова тактичка балистичка ракета која може да носи супер голема боева глава од 4,5 тона, објави денеска државната новинска агенција КЦНА.
Се наведува дека тестирањето на новата тактичка балистичка ракета, наречена Хвасонгфо-11 Да-4.5, било спроведено со симулирана тешка боева глава за да се потврди стабилноста и точноста.
Државната ракетна администрација ќе изврши уште едно лансирање на ист тип на проектили во јули за да ја тестира „моќта на експлозија“ на супер големата боева глава, соопшти КЦНА.
Хвасонгфо-11 или Хвасонг-11 е серија балистички ракети со краток дострел развиени од Северна Кореја, инаку познати како КН-23 и КН-24.
КН-23 најверојатно е ракета што Северна Кореја и ја испорачала на Русија и ја користела во војната против Украина, според украинските власти кои ги испитуваат остатоците од проектили лансирани од Русија од декември.
Северна Кореја и Русија негираат каква било трговија со оружје, но нивните врски се развија брзо откако нивните лидери се состанаа во септември во Русија за поблиска воена соработка.