Проф. Тамара Јованов: Ако сакаме здрави млади во реалноста, за нив се потребни развојни политики согласно нивната природа, а не бегство од реалноста во виртуелен свет!

tamara_jovanov_3453534
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Дали како родител би дозволиле детето секој ден, по цел ден, да јаде само чипс, чоколади, бонбони, помфрит, газирани сокови, алкохол, цигари?







Најверојатно не, оти знаеме дека е штетно и дека повеќе од сигурно ќе си го наруши телото и здравјето.

Ќе се јави прекумерна тежина, дијабет, хормонални нарушувања, потенцијални проблеми со срце, зглобови…

Затоа, како родители се трудиме да има одреден баланс во исхраната на децата.

Затоа ги учиме дека тие производи се извор на профит за сопственикот, наместо храна чија цел е грижа за нашето лично здравје, па неретко и оправдано бараме регулирање, контроли, забрани.

Зошто тогаш, би дозволиле по 5 до 8 часа на ден (целото слободно време) да бидат на социјални медиуми или во игрици, каде умот конзумира најчесто бескорисна или полошо, штетна содржина.

Зарем не е очекувано тогаш, дека психата ќе страда?

Се јавува анксиозност, ниска самодоверба, депресија, асоцијалност, страв, имитирање на лоши примери, бихевиорална зависност, агресија, индоктринација…

Зарем компаниите чии сопственици се мултимилионери од користење на нашето време и внимание не треба да одговараат за штетните последици, да бидат регулирани или забранети!?

Како ќе очекуваме млади со вакви проблеми понатаму во животот успешно да се справуваат сами со предизвиците кои ги чекаат?

Како очекуваме здраво општество?

Храната за умот е еднакво важна како храната и грижата за телото (дури и поважна)!

Нема човек кој не е обликуван од бројните фактори на условите во кои живее.

Затоа, за здраво општество е најважно да имаме поволни услови за раст и развој, кои ќе ги минимизираат шансите за појава на девијации, а не да се залажуваме дека насилството и криминалот немаат врска со тоа, туку се исклучиво дела на родени психопати.

Да беше така, немаше да има толку насилство по светот, бидејќи процентот на родени психопати е мал, во споредба со стапките на криминал.

Воедно, процентот е сличен по земји, додека стапките на криминал се драстично различни во различни општествени уредувања и политики.

По таа логика, исто така, би требало да заклучиме дека секој војник на планетава чија работа е да убива по потреба е роден психопат, ама во суштина и не е баш така.

Наместо да се тешиме дека само психопати убиваат, подобро е да ги согледаме сите страни на проблемот и да бараме решенија за сите значајни фактори.

Затоа што препишувањето вина на човековата природа, без барање услови за здрав живот, им остава простор на криминалните власти да продолжат со разнебитување на општествата за своја корист.

Па дури и кога психопати се во прашање, една Држава би требало да ги има предвидено и да има механизми за одредена заштита и справување, наместо истите да бидат само сензација, предмет на заработка преку кликови и јавен линч!

Да можев, веднаш ќе воведев забрани и регулирана употреба на соц. мрежи и игрици за малолетници!

Ако сакаме здрави млади во реалноста, за нив се потребни развојни политики согласно нивната природа, а не бегство од реалноста во виртуелен свет!

И да, забраните (законите) имаат ефект ако доследно и принципиелно се спроведуваат.

Замислете си да нема никаква одговорност за убиство, да не е забрането.

Поверојатно е дека би било многу почесто применувано.

Додека да ги дочекаме тие развојни политики, да си почнеме од дома, каде што се’ уште имаме некаква моќ за одлучување.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK