Проф. Цицонков: Околу дневната ефтина тарифа за електрична енергија

risto_ciconkov_001
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Од 1 декември 2023 г. почна да важи новата мерка што ја донесе владата на Република Македонија (РМ) во врска со корисниците на електрична енергија кај домаќинствата. Имено, повторно се воведува ефтина тарифа и преку ден која ќе трае од 13 до 15 часот. Овој систем со ефтина и скапа тарифа постоеше и пред неколку години, но беше укинат, а сега повторно се воведува.







Најголемиот број од домаќинствата имаат двотарифни електрични броила (народот ги нарекува струјомери) бидејќи користеа двотарифен систем и во минатото. Кога дневната ефтина тарифа беше укината, постојните двотарифни електрични броила не беа заменети, домаќинствата ги имаат и денес. Некои од нив се од постар тип (електро-механички) поврзани со посебен преклопник, а некои од поновите се електронски со можност за далечинско отчитување на потрошената електрична енергија. Но при укинувањето на дневниот двотарифент систем пред неколку години интервенциите од екипите на ЕВН како да го направија тоа преку ноќ. За тоа не слушнавме ништо во јавноста.

Ефтина дневна тарифа ќе можат да користат веднаш само 170.000 домаќинства кај кои постои можност за далечинско сетирање. Кај останатите 600.000 домаќинства со постари броила сетирањето ќе се врши рачно и ќе трае неколку меесеци.

Мислам дека старите броила беа сетирани на двотарифен систем во минатото така што дневниот ефтин термин беше од 14 до 16 часот. Но при менување на времето од зимско во летно мерење, тој термин се поместуваше за еден час напред, а потоа назад.

Со овој напис сакам да предложам да не се прави унифицирано сетирање, односно дневната ефтина тарифа кај сите домаќинства да биде од 13 до 15 часот. Во тие два часа сигурно ќе се јави врвно оптоварување на електро-енергетскиот систем во РМ. Плус во тој термина истовремено се вклучени скоро сите потрошувачи на ел. енергија во сите фирми, институции итн.

Денес, во време на енергетска транзиција во светот, една од темите за развој е како да се избегнат моменталните врвни товари во електричната мрежа, а најчесто се користи терминот “smart grid” (умна мрежа).

Предлагам кај одреден број домаќинства терминот да биде од 14 до 16, а можеби да се воведе уште некој дополнителен термин.

Врвните товари на ел. енергија се неповолни од повеќе аспекти. Веројатно производството на ел. енергија во РМ во тој термин на денот нема да биде доволно за да ги задоволи потребите, па ќе мора да се увезува скапа ел. енергија. А во зимскиот период цената на ел. енергија на берзите најчесто е висока, а некогаш и превисока.

Напомена: Јас не сум експерт упатен во електрични броила. Оваа забелешка ја напишав од гледна точка на обичен корисник.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK