Поддршка од ЕУ за реформи во шумарството, по три децении темелни промени

SDSM VLADA
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

По 30 години почнуваме длабинска, темелна реформа во шумарството. Овој сектор е исклучително важен зашто преку 55 проценти од вкупната површина на државата се шуми. За нас е многу значајно по неколку децении да преземеме сериозни чекори за навистина да ги зачуваме и заштитиме шумите, да го реформираме целокупниот сектор и да го трасираме неговиот развој согласно ЕУ стандардите, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на денешниот настан со кој и официјално беше означен почетокот на проектот „Поддршка за реформите во шумарството во Северна Македонија“.







Проектот е поддржан од ЕУ со 1,26 милиони евра и ќе се спроведува две години, заклучно со март 2025-та, а предвидува земјава да добие техничка експертиза за основање агенција за шуми и за трансформација на јавното претпријатие „Македонски шуми“ во ефикасен национален орган за шуми. Ќе се воспостават и веб-алатки за спречување на нелегалната сеча, како и систем за сертификација на шумите на најмалку 100 000 хектари.

Како што истакна Николовски, шумарството првпат влегува како сектор чија реформа се финансира директно од ЕУ.

-Со овој проект не правиме стратегии и анализи. По две години ќе бидат целосно видливи резултатите како сме го реформирале целокупниот сектор со поддршка на ЕУ. Проектот опфаќа четири компоненти преку кои ќе дојдеме до целосна реорганизација на секторот. Ќе имаме нов закон за основање агенција за шуми, нов закон за основање државна компанија за шумарство што значи целокупен процес на трансформација и реорганизација на Јавното претпријатие Национални шуми, ќе воведеме нов интегративен систем на управување со шумите, мониторинг систем, систем за следење на дрвната маса, многу нови алатки кои ќе помогнат во целокупната заштита и следењето на раната детекција на шумски пожари, односно целокупна заштита на шумите во државата вклучително и сертифицирање и инвератаризација на над 100 илјади хектари шуми како пилот проект со што заокружуваме една целосна реформа која ќе биде обезбедена во следните две години преку проектот на ЕУ, напомена министерот.

Според евроамбасадорот Дејвид Гир, реформите во шумарството се дел од преговарачкиот процес и пристапувањето на нашата држава во ЕУ.

-Досега имав многу можности да шетам низ вашите прекрасни шуми. Она со кое шумите се соочуваат, се голем број предизвици посебно поврзани со климатските промени, а исто така и предизвици поврзани со нелегалната сеча. Прашањето што треба да си го поставиме е како можеме да им помогнеме на шумите да се справат со предизвиците поврзани со климатските промени да станат колку што е можно поотпорни и на тој начин да служат на локалното население. Првпат се имплементира ваков голем ИПА проект финансиран од ЕУ што ќе овозможи одржување и зачувување на шумите. Всушност, станува збор за закони, институции кои ќе ги спроведуваат овие закони, како и за современи технолошки системи кои ќе помогнат во зачувување на шумите и нивната сертификација. Сето ова што ќе се случува и ќе се реализира е дел од процесот на преговарање, односно дел на процесот на пристапување на нашата држава во ЕУ и сите овие реформи се токму дел од тој процес. На крајот, шумите тука ќе станат дел од големото европско семејство, подвлече Гир.

Клучно е, нагласи, прво да се зајакнат институциите.

-Агенцијата за шумарство ќе обезбеди систем преку кој ќе се регистрираат и дрвјата и шумите и ќе се врши сертификација. Во првиот момент ќе има пилот сертификација на 100 илјади хектари од шумите и сето тоа ќе придонесе за подобра контрола на шумите, што, пак, ќе овозможи намалување на шумските пожари и намалување на нелегалната сеча, рече евроамбасадорот.

Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова се осврна на т.н Зелен договор кој ние како земја кандидат треба да го имплементираме. Но, зборуваше и за новата европска стратегија за шумите до 2030 година чија цел е да ги поддржи социоекономските функции на шумите за просперитет на руралните подрачја и да поттикне одржлива био економија базирана на шумите.

-Стратегијата тежнее и кон заштита, ревитализација и зголемување на површините под шуми заради борба против климатските промени, враќање на биолошката разновидност и обезбедување отпорни и повеќенаменски шумски екосистеми, укажа Шукова.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе биде клучната алка во спроведувањето на претстојната двегодишна реформа за управување со шумите. Реформата, како што беше речено, е поврзана со основните начела на Зелениот план на ЕУ и Зелената агенда за Западен Балкан и има за цел да обезбеди подобра заштита на шумите и зачувување на шумскиот биодиверзитет.

Проектот поддржан од ЕУ опфаќа четири компоненти: изработка на нацрт верзии на законите за шуми и за државна компанија за шумарство, развивање економско-технички основи и стратешки планови за основање агенција за шуми и реструктуирање на ЈП „Македонски шуми“, воспоставување нов веб интегриран информациски систем за шуми, како и развивање современи методологии за планирање на управувањето со шумите и одржливост во стопанисувањето.

Во 2020 година, во ЕУ имало 160 милиони хектари шуми. Шумите покривале 39 отсто од површината на земјите членки. Најголемите шумски области во ЕУ биле во Шведска (28 милиони хектари), Финска (22 милиона хектари) и Шпанија (19 милиони хектари).

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK