Хабитат Македонија ја започнува кампањата „Домот е еднаквост“ за поддршка на луѓето кои живеат во неформални населби

photo - Shuto Orizari
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Хабитат Македонија заедно со партнерските организации ширум светот денес ја започнуваат петгодишната кампања „Домот е еднаквост“ (Home Equals) преку која се иницираат промени на политиките на локално, национално и глобално ниво со цел да се зголеми достапноста до адекватно домување за луѓето кои живеат во неформалните населби.







 Како дел од кампањата Домот е еднаквост, Хабитат Македонија презема активности на застапување за обезбедување на сигурност на живеалиштата, енергетска ефикасност и урбанизација на маргинализираните заедници, а предвидени се и показни проекти во две општини – Шуто Оризари и Куманово, каде во неформални населби претежно живеат припадниците на ромската заедница. Според податоците на Програмата за човекови населби на Обединетите нации околу 3,7% од вкупното население во Македонија или околу 77.000 лица живеат во неформални населби. Овој процент се зголемува на 6,4% доколку се земе предвид  населението кое живее во урбани средини.

“Жителите на неформалните населби се значаен фактор доколку се земе предвид дека тие самите наоѓаат решение за својот проблем со домувањето,” изјави Зоран Костов, Извршен директор на Хабитат Македонија. “Соодветните политики на локално и на национално ниво може да ги отстранат пречките со кои овие жители се соочуваат и да ги унапредат условите преку кои ќе се создаде подобра иднина за многу повеќе луѓе. Тие едноставно ја заслужуваат можноста да живеат во безбеден и сигурен дом, како еден од клучните фактори за подобро здравје, социјална сигурност, образование, вработување и други основни потреби и права за квалитетно живеење.”

На глобално ниво, Habitat for Humanity ги повикува земјите членки на G7 — кои треба да се сретнат овој викенд во Хирошима, Јапонија – да го препознаат еднаквиот пристап до домувањето како клучна алка во развојот и напредокот, и да се обврзат да одговорат на потребите за домување во неформалните населби како начин за унапредување на меѓународните развојни приоритети во области како што се економскиот раст, здравството и образованието.

Со подобрувањето на домувањето во неформалните населби, суштински се подобрува економскиот и човековиот развој, се наведува во извештајот што е објавен денес како поддршка на кампањата Домот е еднаквост. Ова е прв извештај од ваков вид на Habitat for Humanity, изработен во партнерство со Меѓународниот институт за животна средина и развој (International Institute for Environment and Development, или IIED), во кој се развиени модели за пресметување на придобивките кои би се добиле од унапредување на домувањето во однос на економскиот раст, приходите, здравјето и образованието.

Во извештајот се наведува дека БДП и приходот по глава на жител може да се зголемат и до 10,5% во некои земји и дека на глобално ниво може да се спасат околу 730.000 животи што е повеќе од бројот на смртни случаи кои би се спречиле доколку се искорени маларијата. Според моделот, пресметано е дека дополнителни 41,6 милиони деца би се вклучиле во образовниот процес, односно секое шесто дете кое е надвор од образовниот систем низ светот.

“Овој извештај е во прилог на доказите дека обезбедувањето пристап до адекватно домување за луѓето кои живеат во неформални населби не е само вистинската работа – тоа е и паметна работа што треба да се направи”, изјави Џонатан Рекфорд, претседател и главен извршен директор на Habitat for Humanity International. “Преку кампањата Home Equals, ние и нашите партнери сме посветени на преземање активности, со цел, кога станува збор за местата кои ги нарекуваме дом, повеќе од 1 милијарда луѓе кои живеат во неформални населби навистина да бидат третирани како еднакви”.

Иако моделот на извештајот не ги генерира проекциите за секоја земја поединечно, согласно типологијата и достапните податоци може да се пресметаат генералните движења. Според оваа типологија, во светски рамки, Македонија спаѓа во Тип 1 на земји со висок индекс на човеков развој и низок процент на население кое живее во неформални населби, а пресметано е дека подобрувањето на домувањето во неформалните населби би резултирало со зголемување на БДП и приходот по глава на жител до 3%. Животниот век притоа би се продолжил за 10%, додека годините поминати во формалниот образовен процес би се зголемиле за 12%. Сите овие подобрувања би влијаеле и врз подобрување на Индексот за човеков развој со скок од 78 на 76 место.

„Иако не можат целосно да ги квантифицираат, доказите на истражувачите на IIED се доволно јасни – со подобрување на домувањето на луѓето во неформалните населби се зголемува заштитата на животна средина, социо-економската и политичката инклузија, како и здравствената заштита за целата заедница. Тоа доведува до напредок и внатре и надвор од тие населби. А кога луѓето што живеат во неформални населби имаат подобри услови, сите други имаат подобри услови”, истакна Костов.

Во соработка со националните и локалните власти, како и со жителите на неформалните населби во Шуто Оризари и Куманово, Хабитат Македонија ќе ги поддржи политиките и системите што треба да се унапредат за да се задоволат потребите на лицата без адекватно домување. Сето ова треба да доведе до подобри резултати во намалувањето на сиромаштијата, унапредување на здравството, образованието и човековите права.

Повеќе информации за глобалната кампања на Habitat for Humanity се достапни на www.habitat.org/home-equals .

За кампањата во нашата земја посетете ја веб страницата www.habitat.org.mk

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK