Собранието во рамките на денешната работа по дневниот ред на 115-тата седница го заврши општиот претрес по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, по скратена постапка, кој е дел од измените на петте законски решенија потребни за реализација на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатите на коридорите 8 и 10д. Гласањето дополнително ќе биде одредено.
Во текот на пленарната седница Лидија Петкоска од ВМРО-ДПМНЕ порача дека денеска продолжува расправата за законите кои значат беззаконие, а се носат со европско знаменце и по скратена постапка.
-Не знаеме што ќе се гради и каде и низ чии имоти ќе помине. Со новиот закон за експропријација е прецизирано дека на стратешкиот партнер ќе му се даде во владение експроприраниот имот веднаш штом стане конечна одлуката за експропријација без потреба да стане правосилна. Ќе чекаат обичните граѓани, а блиските до Груби и Ковачевски по експресна постапка, затскриена зад поимот стратешки интерес, ќе си ги добиваат сите потребни документи и отштетата ќе им се исплатува веднаш, рече Петкоска.
Со тоа, додаде, легализирате грабеж и нема да ги олесните процедурите, туку ќе ги пренатрупате судовите со тужби заради тоа што сопствениците ќе си ги штитат своите права.
Во реплика министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека се работи за измени на закон кои ќе важат за сите проекти, а не само за коридорите 8 и 10д.
-Се регулира материја за уставните права на граѓаните во делот на закупнина кога се одземаат нивните имоти во објекти каде живеат и вршат деловна активност. Во измените не станува збор за новини, ова решение постои и во постојниот закон, но не се применува во пракса и тоа го одолговлекува процесот. Не е точно дека со овој закон се предлага експропријација на нелегален имот. Само се регулира правото на одредува закупнина во период кога треба да ги ослободат нивните објекти, рече Бесими.
Јован Митрески од СДСМ, пак, повторно во реплика, посочи дека во новото законско решение се предвидува експропријација да се врши според она што стои во даночното решение и додаде дека данок на имот се плаќа според вредноста утврдена во даночното решение која е пазарна.
-Данок на имот се плаќа според пазарна вредност и тоа се поклопува со она што го пишува во Уставот. Фактички граѓаните сами ја признале и прифатиле вредноста во даночното решение како пазарна вредност. Со тоа на страна се ставаат сите шпекулации за тоа што ќе се случувало при експропријацијата, бидејќи ќе им се плаќа пазарната вредност кои сами ја утврдиле, потенцира Митрески.
Стојан Миланов од ВМРО-ДПМНЕ рече дека за реализација на проектот со „Бехтел и Енка“ неосновано се менуваат постојаните закони на штета на сопствениците.
-Наместо да се забрза постапката ќе навлеземе во спорови и надоместок на штети кои ќе треба да ги плати државата на товар на граѓаните и на стопанството, рече Миланов.
Неговиот сопартиец Дајанчо Ефтимов истакна дека со измените се изедначуваат легалните со бесправно изградените објекти кои имаат поднесено барање за легализација, а за оние кои немаат поднесено барање за легализација посочи дека нема да добијат надоместок.
-Со ова се прави дискриминација на оние кои имаат бесправно изградени објекти, бидејќи самото поднесување на барање за легализација не значи дека објектот ќе биде впишан во Агенцијата за катастар и дека ќе биде легализиран, рече Ефтимов.
Во реплика министерот за финансии рече дека во Уставот е јасно утврдено правото на сопственост, но додаде дека јавниот интерес е над индивидуалниот интерес.
Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ го повика претседателот на државата да не го потпише указот за донесување на Законот кога тој ќе биде донесен.
-Со ова законско решение повторно се нарушуваат темелните вредности на уставниот поредок и се носи закон во спротивност со Уставот за што Уставниот суд веќе се има произнесено. Доколку Уставниот суд стои на тоа што веќе го направил повторно треба да го укине новото законско решение, а претседателот на државата да не го потпише, рече Панова.
Ане Лашкоска од истата партија посочи дека со законските измени кои се носат за реализација на проектот со „Бехтел и Енка“ се елиминираат општините кои единствено имаат податоци кој поднел барање за легализација на бесправно изграден објект. Праша од каде се обезбедени средства за експропријација кога во Буџетот за 2023 година не се предвидени.
Борислав Крмов од Левица рече дека се претпоставува оти над 50 отсто од земјиштето на кое треба да се градат автопатите е во приватна сопственост.
-Точно не знаме зашто имаме само идеен проект и немаме основен. Претпоставките на власта се дека експропријацијата ќе не чини 300 милиони евра, но сигурно е дека ќе не чини повеќе, рече Крмов.