Започнува 11. Македонско-полска конференција – во Катовице се чествуваат 35 години Лекторат по македонски јазик на Шлезискиот универзитет

megjunaroden-seminar
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Со учество на близу триесет истакнати полски и македонски филолози-истражувачи, на Шлезискиот универзитет во Катовице, денес и утре (1. и 2 јуни 2023 година) ќе се одржи 11. Македонско-полска конференција. Се чествуваат триесет и пет години непрекината работа на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за хуманистика во Сосновјец. На Конференцијата ќе учествуваат речиси сите знаменити полски македонисти кои изминативе години се вложуваат во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура во Полска.







– Исклучително ни е драго што јубилејот на Лекторатот по македонски јазик во Сосновјец во чиј знак ќе мине оваа Конференција, со нивното учество ја потврдува сплотеноста на полските македонисти и слависти во определбата за натамошна посветеност на истражувања и за натамошна афирмација на македонскиот јазик, литература и култура. Но, одделно радува што свое учество ќе земат и млади полски македонисти во кои вложувавме и преку нашите школи и актуелни студенти на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за хуманистика при Шлезискиот универзитет. Нивното учество и потврдува дека ’македонистиката во Полска нема само традиција, туку има и иднина’ не е фраза, туку факт и стварност. Ама во исто време е и уште една потврда на остварувањето на заемната определба со колегите од Полска која минатата година ја преточивме во решеност за проекти кои ќе се влог и во перспективите на наследниците на полските професори – македонисти – идните културни амбасадори на нашата земја во полската академска и културна средина. Ова и дополнително обврзува да останеме доследни на оваа определба како долгорочна цел, и тоа не само ние, туку и тие кои по нас ќе продолжат да ја развиваат соработката, нагласува директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Таа и изразува благодарност до своите колеги, што оваа, традиционална конференција ќе биде посветена на јубилејот значаен за полската и воопшто странската македонистика, при што нагласува дека во досегашната традиција на конференцијата особен е влогот на професорите од Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.

Конференцијата е под покровителство на амбасадорот, д-р Илија Псалтиров, економски советник на нашата држава задолжен за Полска, Чешка, Словачка и Унгарија и се организира со поддршка од градоначалникот на Катовице, Марќин Крупа. Тие се очекува да се обратат на отворањето на значајниот настан, кој се случува во годината кога се навршуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашата држава и Полска. На отворањето ќе присуствуваат и високи претставници на ректоратот на Шлезискиот универзитет и на Факултетот за хуманистика во Сосновјец.

На пленарната сесија на Конференција која ќе ја модерираат проф. д-р Лидија Танушевска и проф. д-р Лех Мјодински, одделен акцент ќе биде ставен на културата, интеркулктурноста и глобалноста во наставата по македонски јазик како странски, со излагање на проф. д-р Гордана Алексова, која е и долгогодишна лекторка на МСМЈЛК при УКИМ. Значајно е што на оваа сесија, проф. д-р Јоланта Сујецка ќе се осврне со нов пристап кон ликот и делото на Никола Јонков Вапцаров, а проф. д-р Владимир Мартиновски ќе говори за музичкиот идентитет во македонската и полската поезија. На сесијата ќе учествува и проф. д-р Александра Ниевијара, осврнувајќи се на некои актуелни прашања за полскиот јазик.

Во чест на јубилејот 35 години Лекторат по македонски јазик во Сосновјец, на Конференцијата, актуелниот лектор Никола Илиевски и студентите на Лекторатот ќе остварат и посебен програмски дел кој во целост ќе биде посветен на Скопје, по повод 60 години од катастрофалниот земјотрес. Конкретно, во овој дел на Конференцијата, предавање ќе одржи и д-р Кинга Нетман-Мултановска од Полска, авторка на книгата „Скопје е во нас – полски експерти во проектот на ОН за обнова на Скопје по земјотресот“, по што свое предавање ќе има и лекторот Илиевски, а студентите ќе читаат фрагменти од книгата – во превод на македонски и во оригинал на полски јазик. Оваа активност, всушност е и првата со која ќе се одбележи јубилејната годишнина од катастрофалниот земјотрес.

На Конференцијата, денес и утре, од Полска ќе учествуваат и: акад. Јан Соколовски, проф. д-р Лех Мјодински, д-р Марија Стришевска, д-р Ивона Лучков, проф. д-р Агњешка Бедковска-Копчик, проф. д-р Татјана Ганенкова, проф. д-р Барбара Јарис-Маркај, проф. д-р Александра Зиеба и Наталија Лукомска. Од македонска страна, учесници се на овој значаен славистички собир се: проф. д-р Јасминка Делова-Силјанова, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, проф. д-р Лидија Танушевска, проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, проф. д-р Лилјана Митковска, Ангелина Панчевска, м-р Давор Јанкуловски и Андреј Јованчевски.

Истражувањата кои ќе бидат презентирани се очекува да водат до нови заклучоци релевантни за македонистиката и полонистиката, но и да отворат нови прашања кои ќе бидат предмет на натамошни научни предизвици, кои можат да претставуваат и сегмент од натамошното продлабочување на соработката меѓу македонските и полските филолози. Но, во исто време, мора да се нагласи дека оваа конференција, покрај за македонско-полските академски и културни врки е значајна и воопшто за славистиката.

Оваа конференција е втор меѓународен научен собир кој се организира годинава и во знакот на јубилеј на лекторат по македонски јазик на странски универзитет. Претходно, во март годинава, на Институтот за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО) во Париз беше организиран меѓународен симпозиум во чест на половина век работа на тамошниот Лекторат по македонски јазик. Годинава, во септември ќе се одржи и 50. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ, која е и меѓународен научен собир за јазик, национална литература и култура со најдолга традиција во нашиот регион, па и пошироко.

Во текот на претстојните денови, покрај Конференцијата, во Катовице ќе бидат остварени и работни состаноци на кои меѓу другото, одделен акцент ќе биде ставен на натамошното развивање на македонистиката во Полска.

Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура
при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK