Група руски воени бродови од Северната флота денеска пристигнаа пред венецуелскиот пристанишен град Ла Гуаира, соопшти денеска руската државна агенција РИА.
Во групата бродови спаѓаат руската нуклеарна подморница Казан, фрегатата Адмирал Горшков, танкерот за снабдување Академик Пашин и шлеперот Николај Чикер. Тие влегоа во венецуелското пристаниште „како дел од долго патување“, објави РИА без да ги прецизира причините за влезот.
Станува збор за истата група бродови кои на 12 јуни влегоа во пристаништето во Хавана, откако одржаа обука за ракување со „високопрецизно ракетно оружје“ во Атлантскиот Океан. Тие останаа во кубанските води до 17 јуни.
Кубанската војска тогаш изјави дека посетата на руските воени бродови е „строго во согласност со меѓународните прописи“ и дека е знак за „историско пријателство“ меѓу Хавана и Москва.
Невообичаеното распоредување на бродови на руската морнарица толку блиску до Соединетите држави – особено моќната нуклеарна подморница – доаѓа во време на зголемени тензии околу војната во Украина, каде што владата поддржана од Запад се бори против руската инвазија.