Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, се сретна со амбасадорката на Романија, Моника Аксинте, со која заклучија дека двете земји во континуитет градат добри меѓусебни односи, кои се очекува да се надградуваат и во следниот период.
Претседателот Гаши истакна дека двете земји во годините наназад имаат многу заеднички точки. Тој посочи дека Северна Македонија може да искористи многу искуства од Романија, со оглед тоа што, како што рече, оваа држава го помина патот низ кој сега оди Северна Македонија во остварување на своите стратешки цели.
Заблагодарувајќи се за поддршката од Романија, како за веќе стекнатото членство на земјава во НАТО, така и за процесот на интеграција во ЕУ, претседателот Гаши нагласи дека за земјите кои претендираат на полноправно членство во Унијата е уште поважно во процесот на интеграција да ги усвојат европските вредности кои значат економски развој, почитување на човековите права, владеење на правото…
Амбасадорката Аксинте оцени дека Северна Македонија и Романија негуваат многу добри меѓусебни односи, без отворени прашања и дека соработката ќе продолжи во тој дух, како и поддршката за ЕУ-перспективите на земјава. Таа го поздрави и придонесот на нашата земја во рамки на НАТО, како и помошта за Украина наспроти руската агресија.
Соговорниците се согласија нашата земја успешно го заврши билатералниот скрининг во ЕУ. Исто така, заклучија дека двете држави добро соработуваат и на мултилатерален план, за што како пример ги посочија Меѓународната организација на франкофонијата и Процесот за соработка во Југоисточна Европа.