Доследната примена на законската регулатива, на меѓународните стандарди за финансиско известување, на етичките принципи на професијата, како и континуирано стручно усовршување на сметководителите, беа дел од темите за кои се дискутираше на новиот серијал средби помеѓу членовите на раководниот тим на Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) и претставниците од сметководствените друштва ширум земјата.
Посебно внимание на овие средби беше посветено на досегашните и следните чекори и активности со чија реализација треба да се овозможи поставување на стандарди на професијата, интегритет и професионализам кои ќе го зголемат угледот, позицијата на професијата сметководител во општеството и нејзиното значење, не само за бизнисот, туку и за целиот систем воопшто.
„Една од главните цели на овие средби е да ги слушнеме ‘од прва рака’ размислувања на претставниците на фелата околу предизвиците со кои тие се соочуваат во нивното секојдневно работење, како и нивните предлози за надминување на посочените предизвици и нивно претворање во можности. Задоволна сум од одѕивот и суштинските и пред сѐ конструктивни дискусии што ги имавме со колегите кои земаа учество на овие средби. Тоа покажува дека мнозинството од членовите на ИСОС се свесни за нивната значајна улога која ја имаат како сметководители и ја разбираат неопходноста од промените кои ќе донесат поголем квалитет и дополнителна вредност за сите кои во моментов работат или во иднина ќе станат дел од оваа значајна професија во нашата земја“, изјави претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.
Овие средби беа искористени и за спроведување на анкетно истражување меѓу претставниците од сметководствените друштва, кое ќе биде искористено за подготовка на сеопфатна анализа за состојбата со цените на сметководствените услуги на пазарот и на платите во овој сектор. Прашалникот од ова анкетно истражување ќе биде достапен и онлајн, преку веб-страницата на ИСОС, за да може да го пополнат и сметководителите кои не беа во можност да присуствуваат на овие средби. Инаку, анализата што ќе произлезе од ова анкетно истражување ќе биде основа за креирање на најсоодветни одржливи решенија и механизми за утврдување на препорачани цени на секоја посебна сметководствена услуга, водејќи сметка за нивото на нивна сложеност.
Во овој серијал беа одржани 16 средби со сметководствените друштва и самостојните сметководители во градовите низ државата, а планирано е вакви средби да бидат организирани и во иднина.
Скопје, 24 јуни 2024