Израелската војска објави дека не се согласила на прекин на огнот и објасни дека станува збор за тактички паузи чијашто цел е да се дозволи хуманитарна помош во Газа.
„Нема прекин на огнот, повторувам, нема примирје. Тоа што го правиме, оваа четиричасовна пауза, е тактичка, локална пауза за хуманитарна помош“, се вели во изјавата на портпаролот на израелската армија Ричард Хехт.
Висок израелски функционер, чијашто изјава ја цитираше „Си-ен-ен“ објасни дека паузите ќе стапат на сила во одредени области. На една населба или област ќе и биде дадено известување неколку часа однапред, за да можат жителите да побараат помош. Прашан кога ќе започнат овие паузи, службеникот рече: „Наскоро“.
Изјава стигна и од кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху. Тој повтори дека не се согласуваат за прекин на огнот без ослободување на заложниците што ги држи Хамас, додека претседателот на САД, Џо Бајден потврди дека побарал тридневен прекин на огнот во Газа.
Претходно денес, Белата куќа објави дека Израел ќе почне да спроведува четиричасовни хуманитарни паузи во борбите во северниот дел на Газа секој ден.
Портпаролот Џон Кирби го нарече потегот чекор во вистинската насока и рече дека САД сакаат паузите да продолжат се’ додека се потребни.