Игор Јанушев е новиот генерален секретар на Владата

Јанушев-Повторно-сум-слободен-граѓанин-на-Македонија.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Новиот владин состав денеска ја одржа првата седница. На дневен ред се најдоа пензиите, нови именувања, а донесена беше и одлука за укинување на Факултетот за здравствени науки во Струга.


– Владата расправаше и за зголемување на пензиите од 5.000 денари, пришто беше потврдена заложбата и беше одлучено ова зголемување да се реализира на два пати, од кои првата исплата од 2.500 денари ќе биде во септември, а втората од 2.500 денари ќе следува во март, се наведува во соопштението.

Во однос на именувањата, Игор Јанушев е именуван за Генерален секретар на Владата. Јанушев е дипломиран правник на Правниот факултет „Јустинијан Први” – Скопје. Неговото претходно искуство вклучува работа како пратеник во Собранието, директор на ЈСП „Скопје” и раководител на Секторите за воздухопловство и за општи работи при Министерството за транспорт и врски. Како пратеник, Јанушев беше шеф на делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ и претседател на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите.

Ивица Томовски е назначен за директор на Службата за општи и заеднички работи. Тој има магистратура по менаџмент на човечки ресурси и долгогодишно професионално искуство во деловното работење, консалтинг услуги и менаџирање во приватниот сектор. Томовски е поранешен управител на ЕЛЕМ Турс и има стекнато обуки на повеќе интернационални школи за менаџмент на човечки ресурси.

Елена Петрова е новиот директор на Управата за јавни приходи. Петрова беше дополнителен заменик-министер за финансии во последната техничка Влада. Таа е дипломиран економист со над 25 години искуство во Управата за јавни приходи, каде што работела на различни раководни позиции, вклучувајќи управник на Дирекцијата за големи даночни обврзници. Има активно учество во неколку управни одбори и поседува бројни лиценци и сертификати, вклучувајќи обуки и соработки со Светска банка, ММФ и други меѓународни организации.

Бобан Николовски е именуван за директор на Царинската управа. Николовски доаѓа од позицијата пратеник во македонското собрание и има 15 години работно искуство во Царинската управа, вклучувајќи и работа како директор на ЈП „Куманово план”. Тој има магистратура по бизнис и поседува десетици обуки и лиценци за царинско работење.

Александар Јанев е назначен за директор на Бирото за јавна безбедност. Јанев има 27 годишна полициска кариера која започнала како кадет на Средното полициско училиште „Елисије Поповски Марко”. Образованието го продолжил на Правниот факултет „Јустинијан Први” и на Факултетот за менаџмент на човечки ресурси. Јанев работел на различни позиции во Министерството за внатрешни работи, вклучувајќи инспектор, раководител на единица и сектор, и аналитичар за потребите на министерството. Тој е унапреден во главен инспектор во секторот за обезбедување и заштита на личности и објекти и раководел со четири сектори со 300-350 вработени во областа на организираниот криминал, корупцијата, транснационалниот криминал, тероризмот и насилниот екстремизам.

За државен секретар во Министерството за внатрешни работи е именуван Сашо Петрушевски. Тој е доскорешен директор на Јавно претпријатие во Општина Куманово. Тој е добитник на Ноемвриска награда на Град Куманово, како и добитник на награда за најдобро работење на ЈП „Куманово Паркинг” – Куманово од Агенција „Company Wall” Macedonia за најдобар бонитет А. Поседува повеќе сертификати и обуки за менаџирање со човечки ресурси и комуникациски техники.

За шеф на Канцеларијата на Претседателот на Владата е назначен Владимир Нелоски, а негов заменик Саше Павлоски. Владимир Нелоски има завршено на Економскиот факултет, воедно е магистер на Правниот факултет „Јустинијан први” од областа на корпоративното право. Тој е советник во Град Скопје. Бил претходно вработен во Агенцијата за електронски комуникации и има богато искуство во менаџирање со процеси и човечки ресурси.

Саше Павлоски завршил на Економскиот Факултет при УКИМ. Тој има повеќегодишно работно искуство во Владата на Република Северна Македонија и искуство од менаџерско работење и делување. Бил и член на Надзорен одбор на МЕПСО и претседател на Управниот одбор на Национален парк „Маврово”.

Воедно, меѓународниот универзитет во Струга не може да основа Факултет за здравствени науки. Донесената одлука од претходното владино раководство е поништена, а информацијата беше потврдена денеска на првата седница на новата Влада.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK