Ѓорѓиевски за 69-тиот роденден на Кисела Вода: Досега реализиравме 90%, 70-годишнината ќе ја дочекаме со 100 процентна реализација од ветеното

3-1-1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Општина Кисела Вода денес ја одржа свечената седница по повод својот 69-роденден. На настанот покрај градоначалникот Ѓориевски, Претседателот на Советот Колариќ и советницитите, присуствуваа бројни гости. Меѓу нив и Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, поранешни градоначалници, претседатели на советот, претставници на бизнис заедницата, уметници и други лица кои добија статуетки-клучеви за трајни заслуги во развојот и афирмацијата на општина Кисела Вода. Свечен говор одржа градоначалникот Ѓорѓиевски и во него се осврна на историјатот на оваа општина, како и на незјзиниот брз развој и напредок. Набројувајќи ги најзначајните проекти, тој истакна дека во последните три години е реализирано 90 проценти од програмата, но и дека е сигурен дека со заеднички напори, 70-годишнината ќе биде дочекана со 100 процентна реализација од ветеното.

– Со огромна чест и задоволство стојам пред вас денес, на 69-от роденден на нашата Кисела Вода, најстарата општина во градот Скопје. Овој значаен јубилеј го прославуваме под слоганот ,,69 години Кисела Вода, храброто срце на градот”, кој ја отсликува нашата непоколеблива решителност и смелост во преземањето на чекори за напредокот и развојот на нашата заедница.

Во изминатиот период, кој води кон големиот 70-годишен јубилеј, успеавме да реализираме повеќе од 90 проценти од мојата програма ветена пред нашите жители. Меѓу тие проекти, има и такви кои не беа зацртани претходно, но следејќи го пулсот и потребите на нашите граѓани, ги реализиравме и преточивме во конкретни дела кои го подобруваат секојдневието на сите генерации. Сигурен сум дека со заеднички напори, 70-годишнината ќе ја дочекаме со 100 процентна реализација од ветеното, со целосно сменет, подобрен лик на општината во сите населби и населени места и задоволни граѓани.

Правејќи осврт на сработеното, ние сите имаме навистина и на што да се радуваме и на што да се гордееме.  Во напредна фаза сме на проектот за обнова на сите улици, во сите месни и урбани заедници. Она што го ветив, дека до крајот на мандатот во општината ќе нема неасфалтирана улица, жителите ќе го добијат и многу побрзо. За таа говори обновата на преку 50км улици и патишта, паралелно работејќи и подземно.

Изградивме атмосферска мрежа во должина од 5470 метри, фекална канализациона мрежа 8200 метри и 4200 метри водоводна мрежа. Би сакал да го издвојам капиталниот проект за изградба на фекална и водоводна мрежа во Каменик, едно горливо прашање, со кое никој порано не се осмелуваше да се зафати, и да ве информирам дека досега ја завршивме изградбата на 2700 метри фекална мрежа, а преку Министерството за животна средина, а ни претстои и изградба на околу 6.5 км водоводна мрежа со резервоар од  500м3 вода и препумпна станица.

Се надевам дека со новоизбраната Влада, процесот ќе се забрза и дека овој проект во најбрзо време ќе биде финализира, а проблемите со немање на достоинствени услови за живеење трајно ќе ги затвориме.

Решавањето на проблемот со недостиг од паркинг места со кои се соочувавме со години наназад го надминуваме со изградба на нови паркинзи.

Ветив 1000 зa 4 години, а досега имаме нови 1400 пaркинг места и продолжуваме со изнаоѓање на нови локации каде што постои можност да се изгради паркинг простор. Зад нас се изградбата на два пазари, обновата на домот на културата, од годинава и возобновувањето на киното и отворањето на библиотека во Кисела Вода. Проекти на кои се чекаше со децении.

И оваа година продолживме со дигитализацијата на општината.

Ако минатата година се промовиравме како прва дигитализирана општина на Балканот која за граѓаните обезбеди услуги по електронски услуги, од неодамна на новата веб страница додадовме уште 20 нови дигитални услуги. Меѓу нив, пријава за инспекциски служби, следење на системот на јавни набавки, плаќање на такси поврзани со општината, поставување директни прашања до градоначалникот или до советниците, и она што е можеби најискористено досега-запишување на децата во градинка по електронски пат.

На овој начин спречивме уписи на деца во градинки преку врски.

Родителот од дома може да наведе за која градинка е заинтересиран и за истата да аплицира.

Со тоа и ние како локална самоуправа точно знаеме во секој момент колкав број на деца има за упис, каде има потреба од отворање на дополнителни капацитети. А бројките говорат дека наместо 450 деца на листа за чекање што ни беше наследена бројка на почетокот од мандатот, сега оваа бројка е двоцифрена и наскоро ќе ја сведеме на нула.

Ова одговорно го тврдам бидејќи досега отворивме две нови детски градинки, во Усје и во Драчево. Извршивме проширување и реконструкција на дел од градинката ,,Пеперутка 1” во Драчево, каде 50-тина години не беа извршени речиси никакви реконструктивни зафати.

Го проширивме капацитетот и на објектот ,,Кокиче”, а во непосредна нејзина близина градиме уште една нова градинка,,Верверичка”.

Обезбедени ни се средства за изградба на уште една во Расадник, но за жал поради опструкции од раководството на Градот Скопје настана застој кој не спречи веќе да ги имаме довршено првоспоменатата и започната второспоменатата градинка.

Но, како што покажавме и во изминативе три години, не постојат непремостиви пречки кога се има силна волја како што ја имам јас и мојот тим, посебно кога се во прашање проекти за нашиот највреден ресурс, децата. Големи се и инвестициите во образованието. Првиот од капиталните инфраструктурни проекти со кои ја одбележуваме оваа наша роденденска седмица, беше поставувањето на камен темелник на нов училишен објект за ООУ Свети Климент Охридски.

После точно сто години учениците од селото Драчево ќе добијат нова училишна зграда, а стариот објект поради неговата музејска вредност, ќе биде зачуван. Сите училишта ги опремивме со дигитални уреди, обезбедивме компјутери за сите наставници, ранчиња за сите првачиња, униформи за сите основци. Изградени се сензорни соби во училиштата, изградени и обновени спортски училишни сали. Пред неколку седмици ООУ ,,Невена Георгиева Дуња” целосно го опремивме со прочистувачи на воздух.

Ве уверувам дека заедно ќе ги оствариме сите наши цели и дека Кисела Вода ќе продолжи да биде пример за успешно управување и развој-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски честитајќи го уште еднаш 69-тиот роденден на Општина Кисела Вода.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK