Предлог-иницијативата за устави измени е во Владата и ќе биде разгледана на некоја од наредните седници. Очекувањата се дека уставните измени би можеле да влезат во Собранието во средината на месецов кога и формално ќе почнат да течат роковите за уставни измени. Премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски утре во Клубот на пратеници ќе имаат тет-а-тет средба на која ќе се разговара за иднината на земјата во контекст на евроинтеграциите условени со уставни измени и вклучување на Бугарите во Преамбулата.
На средбата Ковачевски-Мицкоски, според владиното соопштение, ќе се разговара пред сѐ за одлуките кои треба да се донесат во Собранието со цел продолжување на европската интеграција на земјата, како и за пристапот на државата, институциите и сите политички чинители во насока на градење и одржување на добрососедски односи со сите наши соседи.
Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека ставот на партијата е оти уставни измени нема да има, и ова Собрание нема легитимитет за таков чекор.
-Очекуваме Ковачевски да излезе од стегите и заложништвото на ДУИ и да прифати да разговара за периодот што по фактот дека уставните измени нема да го имаат потребното мнозинство, посочија од ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Ковачевски рече дека поканата е испратена до ВМРО-ДПМНЕ и многу јасно стои да изберат во кој формат сакаат да биде средбата – дали да биде еден плус нула, еден плус еден, еден плус два, зависно од тоа, како што рече, дали имаат доверба меѓу себе па смеат да зборуваат еден пред друг или сакаат да одат сами на средба.
-Јас оставив да избере раководството на ВМРО-ДПМНЕ или претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и тие го избраа форматот. Средбата ќе се случи во среда во 11 часот на две теми. Едната тема е носењето на одлуки за европска интеграција на државата и втората е активностите на сите политички чинители во државата во однос на односите со соседите. Тоа се две исклучително значајни теми од коишто зависат интеграциите на државата и што побрзото зачленување во ЕУ, кажа Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања по увидот на рехабилитација на пат Демир Капија – Неготино.
Повтори дека во државата постојат два концепти – едниот е концепт за европска Македонија и вториот е концепт којшто го предводи Левица и којшто е за изолирана Северна Македонија.
-Јас се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да се надмине себеси и барем еднаш во овие 32 години независна Македонија да поддржат одлука со која што државата ќе се интегрира после интегрирањето во НАТО и во ЕУ. Така што, заклучоците се многу едноставни. Имаме на една страна интеграција во ЕУ, а на друга страна изолација. И јас се надевам дека тоа што го сакаат сите граѓани ќе го изберат и сите политичари, а тоа е интеграција на државата во ЕУ, оцени Ковачевски.
Премиерот Ковачевски рече дека на средбата очекува отворен разговор за сите аспекти на двете теми, изразувајќи надеж дека ќе изнајдат заеднички јазик за тоа на кој начин треба да се продолжи кон интеграција во ЕУ, бидејќи, како што рече, во спротивно е изолација која што ја гледаат сите граѓани во државата.
Тој рече и дека избори ќе има во редовниот термин, прво претседателски избори, а потоа парламентарни избори.
-Постапката за уставни измени е многу јасна. Иницијативата од работната група е доставена до Министерството за правда, тие ќе го достават до Владата, Владата ќе ја разгледа и потоа ќе ја достави до Собранието каде што потоа се отвора процедура на Комисија за уставни прашања, па потоа на пленарна седница и изразувам уште еднаш надеж дека сите пратеници ќе бидат на ниво на задачата да ги застапуваат интересите на граѓаните, а врвен интерес на граѓаните е интеграција во ЕУ, бидејќи тоа се гледа секојдневно и низ сите изминати 30 години нашите граѓани сакаат да живеат во ЕУ, рече Ковачевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, на трибина во Велес рече дека ќе оди на лидерската средба и дека ќе каже оти уставни измени по бугарски диктат нема да има.
-Ќе дојдам на лидерска средба и во името на огромното мнозинство на народот кој бара заштита и очекува застанување на нозе, ќе кажам дека уставни измени, прифаќање на бугарски диктат нема да има. Јас нема да дозволам да се прави крпа од волјата на народот како што тоа го прави власта, ниту пак да дозволам да газат по националните интереси. Македонија не е на распродажба, додаде Мицкоски.
Тој напомена дека е клучно да се отвори темата што по неуспехот на уставните измени.
-Се чини дека владата нема никаков план ниту пак говори за тоа. Од друга страна имаме премиер кој е уценет. Имаме премиер кој ДУИ го држи во заложништво, а токму тие се вистинските газди во владата, газди на криминалот и господари на туѓите судбини, додаде Мицкоски.
Како што најавија од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски денеска имаше средба со пратеничката група на Коалицијата „За обнова на Македонија” која во пресрет на одржувањето на лидерската средба го реафирмира ставот за неотварање на Уставот на Македонија, а со цел уставни измени. Исто така во јавноста беа објавени фотографии од список со потписи од 44 -та пратеници на опозииската партија и коалицијата против уставни измени.
Во соопштението од Пратеничката група се потенцира дека уставните измени кои ги прифаќа македонската Влада предводена од СДСМ и ДУИ се производ на диктат и под услови кои не се прифатливи за македонските граѓани.
-Апелираме до Владата и парламентарните групи на власта да престанат со сервилности и погазувањето на државните и национални интереси потсетувајќи дека Собранието во овој состав нема легитимитет за носење на таква одлука против која е огромното мнозинство македонски граѓани, посочуваат пратениците од опозицијата.
Собранието, според нив, не треба да се доведе во позиција за исполнување на поединечни бизнис и политички интереси на елити од власта туку да служи на суверенот – граѓаните.
Пратеничката група на Коалицијата „За обнова на Македонија” предводена од ВМРО-ДПМНЕ, се наведува во соопштението, со овој став упатува раководството на партијата, сите политички претставници на Коалицијата „За обнова на Македонија“ и претседателот на партијата Христијан Мицкоски на претстојната лидерска средба да ги реафирмира ставовите за неприфаќање на уставните измени и да се почитуваат интересите на граѓаните.
-Македонските граѓани отсекогаш силно ја поддржувале и ќе продолжат да ја поддржуваат европската интеграција на државата, но тоа не треба да прерасне во понижувачки процес за прифаќање на диктати туку процес за прифаќање и почитување на вредности. Оттука како пратеничка група на Коалицијата „За обнова на Македонија” предводена од ВМРО-ДПМНЕ бараме во името на огромното мнозинство македонски граѓани фер шанса иста каква што ја имаа останатите народи и држави од Централна и Источна Европа кога пристапуваа кон Европската Унија, се посочува во соопштението до јавноста.
Повторно својот став „за“ уставни измени вчера го потенцираше и лидерот на ДУИ Али Ахмети на одбележување на 21-година од основањето на партијата.
-Уставните измени треба да се случат, како што се случи со Преспанскиот договор, така треба да се случи и со Договорот за добрососедство. Вклучувањето на заедниците, Бугарите, Црногорците и другите да бидат уставна категорија со што конечно ќе се затвори едно историско поглавје за нашите сограѓани Македонци и конечно ќе се легитимираат како нација и култура на меѓународно ниво и за ова ја имаат нашата најголема поддршка, истакна Ахмети.
Ахмети апелираше до ВМРО-ДПМНЕ да рефлектираат и да ја согледаат, како што рече, грешката што ја направија во случајот со Преспанскиот договор и да се солидаризираат кон легитимирање на нацијата и интегрирање на земјата во ЕУ.
-Мислам дека ВМРО ДПМНЕ има толку капацитет и програмски и кадровски за да рефлектираат околу политичките случувања и околу геополитичките прашања кои се важни за државата и за регионот, рече Ахмети.
Работната група на седница одржана пред десетина дена ја усвои Предлог-иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за изменување и дополнување.
Промените се во делот на Преамбулата со тоа што се додаваат неколку народи. Во Преамбулата после „… бошњачкиот народ“ се додаваат зборовите „бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ“, изјави по состанокот претседателката на работната група, Маргарита Цаца Николовска. Втората измена, како што дополни таа, е во делот за дијаспората и во Амандманот 34, кој е заменет со член 49 и Амандманот 2. Во овој Амандман на Уставот на Република Северна Македонија со кој се заменува членот 49 и Амандманот 2, после „… бошњачкиот народ“ исто така се додаваат зборовите „бугарски народ, хрватски, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ“.
Засега е неизвесно дали во Собранието ќе бидат прифатени уставите измени имајќи предвид дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавува дека нема да ги поддржи. За носење на уставните измени е потребно двотретинско мнозинство или најмалку 80 пратеници.
Претседателот на Собранието Талат Џафери минатата недела изјави дека постапката за уставните измени може да почне и паралелно да траат политичките разговори, имајќи предвид дека од доставувањето на Предлог-иницијативата до седницата мора да поминат 30 дена за да можат пратениците да ја разгледаат.