Детектор анкета: Граѓаните му дадоа оценка „два плус“ на јавното здравство


„Два плус“ е средната оценка на скалата од 1 до 5 која граѓаните ја дадоа за квалитетот на јавното здравство, покажува последното истражување на јавното мислење што за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Најголем број од анкетираните или 32,9% здравството го оцениле со „тројка“, 26,8% му дале „двојка“ а 22,2% „единица“. Оценка „четворка“ дале 11,6% , а 4,1% „петка“. Гледано по региони, најслаба оценка здравството добива на југоистокот. Таму, 40,2% од граѓаните го оцениле со најниска оценка „единица“. Најдобро, јавното здравство поминува во вардарскиот регион, каде 9% од граѓаните го оцениле со оценка „петка“.

Во споредба со истражувањето кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје во јуни годинава, средната оценка за јавното здравство бележи благо зголемување. Од 2,41, колку што била во јуни, сега, средната оценка се зголемила на 2,47. Мнозинство од граѓаните или 17,6% велат дека најголемо незадоволство во јавното здравство чувствуваат поради закажувањето и времето на чекање за преглед. Петнаесет отсто најнезадоволни се од лекарите, 12,6% од инфраструктурата во болниците, а 9,2% од хигиената. Од анкетираните, 8,3% велат дека најмалку задоволни се од опремата, а 7,5% од медицинските сестри. Сепак, најголемиот процент на граѓани или 19,5% рекле дека не се задоволни од сите елементи во јавното здравство.

И покрај тоа, 69,4% од анкетираните граѓани велат дека кога имаат потреба од здравствена услуга почесто одат во државна, односно јавна здравствена установа, додека 23,3% преферираат да се лечат приватно. Оние граѓани кои имаат повисоки примања, во поголем процент се определуваат за приватно здравство, но сепак, таа бројка е далеку под половина од вкупниот број на анкетирани. Дури 60,4% од граѓаните кои имаат приходи над 60.000 денари се определуваат за јавното здравство пред приватното. Околу 70 отсто од граѓаните со приходи до 20.000 денари на лекар најчесто одат во јавна здравствена установа. Таму се лечат и 68,8% од оние кои имаат плата меѓу 20.000 и 40.000 денари, како и 62,7% кои имаат месечни примања меѓу 40.000 и 60.000 денари.

Мнозинството граѓани се против идејата за јавно приватно партнерство како реформа на Брзата помош со која приватни компании би ги обезбедувале услугите а државата потоа би ги покривала трошоците. 38,1% од граѓаните се изјасниле против, иако висок процент, односно 35,8% се подготвени да ја поддржат оваа реформа. Најголеми противници се граѓаните од источниот и пелагонискиот регион. На истокот, 61,5% се против, додека во Пелагонија против јавно приватно партнерство во Брза помош се изјасниле
52,3%. Најголема поддршка овој предлог има во југозападниот дел од земјата каде јавно приватно партнерство во Брза помош поддржуваат 42,6% од анкетираните. Висока е поддршката и на југозападот каде за реформата се изјасниле 42,2% од граѓаните.

Генерално, 40,4% од граѓаните даваат поддршка за идејата за јавно приватно партнерство во здравството, додека 38,3% се против. Мнозинството граѓани, или 31,4% сметаат дека македонските аптеки се добро снабдени со лекови кои се издаваат на рецепт во текот на целиот месец, а 22,9% велат дека аптеките се донекаде добро снабдени. 17% велат донекаде не на прашањето дали сметате дека се добро снабдени аптеките со лекови на рецепт во текот на целиот месец, додека 16,9% велат дека тие воопшто не се снабдени.

Во споредба со анкетата која за Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје во јуни годинава, значително пораснал бројот на граѓани кои велат дека аптеките се добро снабдени со лекови на рецепт во текот на целиот месец. Речиси двојно е зголемен бројот на граѓаните кои сметаат дека аптеките се добро снабдени со лекови. Од 16,7% во јуни, процентот на анкетирани кои сметаат дека аптеките се добро снабдени со лекови на рецепт скокнал на 31,4%. За сметка на тоа, значително се намалил бројот на граѓани кои велат дека аптеките воопшто не се снабдени. Од 27,3%, процентот на граѓани кои велат дека воопшто нема лекови на рецепт во аптеките за 6 месеци се намалил на 16,9%. Високи, 64,9% од анкетираните велат дека вакцинацијата на децата треба да биде задолжителна, додека 16,6% се против. Во споредба со анкетата која Институтот за политички истражувања Скопје за Детектор ја изработи во јуни, паѓа поддршката на задолжителното вакцинирање. Па така, од 73,6% во јуни, бројот на поддржувачи во ноември паднал на 64,9%. Пораснал и бројот на противници и тоа за близу 6 процентни поени за 6 месеци. Од 10,8% во јуни на 16,6% во ноември.

Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје по нарачка на Детектор е спроведена телефонски во периодот од 16 до 19 ноември, врз репрезентативен примерок од 1116 испитаници со маргина на грешка од плус-минус 3%.


Комисијата за заразни болести треба да одлучува за олабавување на мерките и отворање на економијата - МИА
Вести

Нови 125 случаи позитивни на КОВИД 19 во изминатите 24 часа

Скопје, 6 јуни 2020 () – Нови 125 случаи на новозаболени од КОВИД -19 регистрира Министерството за здравство во изминатите 24 часа. Најголем број повторно се во Скопје -46 по што следуваат Куманово со 19, […]

Втор ден карантин за Скопје, Куманово, Штип и Тетово - МИА
Вести

Втор ден карантин за Скопје, Куманово, Штип и Тетово

Скопје, 6 јуни 2020 () – За граѓаните на сите општини во градот Скопје, околните скопски општини Арачиново, Зелениково, Илинден, Петровец и Студеничани, во Куманово, Липково, Штип, Карбинци, Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино […]

Во шест градови во земјава нема повеќе активни случаи на Ковид-19 - МИА
Вести

Активни 1.009 случаи на заболени од Ковид-19, 90 отсто од новозаболените се од 15 фамилии

Скопје, 6 јуни 2020 () – Во земјава вчера беа потврдени 180 нови случаи на позитивни од Ковид-19, што е најголем број од почетокот на епидемијата досега, но министерот за здравство Венко Филипче информираше дека […]