Столтенберг очекува сите членки на НАТО да го потпишат Протоколот за прием на Македонија


Генералниот секетар на НАТО Јенс Столтенберг денеска од Букурешт порача дека мошне скоро од сите 29 земји-членки ќе биде потпишан пристапниот Протокол за членство на Македонија во Алијансата.


 

Тој денеска на заедничката прес-конференција со романскиот претседател Клаус Јоханис изрази очекување дека сите 29 членки ќе го потпишат Протоколот, по што како што рече, Скопје ќе учествува на двата претстојни состанока на НАТО.

– Откако сите 29 земји-членки ќе го ратификуваат Протоколот, ќе ја поздравиме Република Северна Македонија како 30. членка на НАТО, нагласи Столтенберг.

Приемот на земјата во Алијансата, посочи првиот човек на НАТО, ќе придонесе за мирот и стабилноста во регионот и во цела Европа.

Столтенберг истакна дека со Јоханис меѓу другото разговарале и за континуираната посветеност на политиката на отворени врати на НАТО и им честита на Скопје и Атина, на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас за нивната храброст и силното лидерство за решавање на спорот со името.