Спасовски и Богданоски потпишаа Меморандум за соработка меѓу МВР и Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“

spasovski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и деканот на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, проф. д-р Митко Богданоски, денеска потпишаа Меморандум за соработка, како потврда на заедничките заложби и интерес за унапредување на соработката во областа на безбедноста и форензиката.

Меморандумот, соопштија од МВР, е плод на потребата за посуштинска заедничка соработка чиј главен фокус е зајакнување на соработката за работи од заеднички интерес базирани на искористување на научно – стручните, професионалните, материјално – техничките и просторните услови насочени кон унапредување на едукативните, истражувачките и апликативните активности, преку кои ќе се реализираат целите од заеднички интерес.


– Соработката ќе се базира на заедничка работа за потребите на изработка на дипломски, магистерски и докторски трудови за лица вработени во Министерството за внатрешни работи и Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“-Скопје, формирање експертски тимови за изработка на научно – истражувачки и апликативни проекти, организирање и спроведување апликативни проекти и размена на информации, како и стручна, научна и техничка поддршка во изготвување експертски анализи согласно взаемните потреби, појаснуваат од МВР.

Спасовски потенцирал дека за МВР е важно што е потпишан ваков Меморандум затоа што Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења е  подигнат на повисоко ниво, како Оддел за форензички испитувања со нова зграда, нов проект. Тој најави дека за многу скоро време зградата ќе биде ставена во функција, со што, како што рекол, и практично ќе ги исполниме сите услови кои значат добивање на многу сертификати кои ќе ни помогнат за понатамошното работење.

Од страна на деканот Богданоски било посочено дека на овој начин ќе се официјализира и издигне на повисоко ниво соработката меѓу Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ и МВР.

– Потпишувањето на Меморандумот овозможува официјализирање и поедноставување на соработката во повеќе области од заеднички интерес, а посебно во делот на форензиката и сајбер безбедноста. Воената академија ги става на располагање своите образовни, научно-истражувачки и апликативни капацитети кои се од интерес на МВР и на државата, се наведува во соопштението од МВР.

Со воспоставување на оваа соработка исто така се очекува збогатување на различните форми на образование преку стручната поддршка од експерти од практика од МВР.

Богданоски посочил дека двете институции согледале можност за работа на заеднички проекти, како и практична соработка во делот на форензички анализи и испитувања, како и справување со закани во сајбер просторот.

Министерот Спасовски изразил уверување дека овој Меморандум ќе придонесе за зголемување на меѓусебната соработка, а со тоа и ефикасно спроведување на надлежностите утврдени со закон, што пак ќе преставува одлична основа за поголеми резултати во повеќе области  од взаемен интерес.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK