„Социетас Цивилис“: Повеќе сме чамец што го носи струја отколку што имаме весла и кормило во борбата против корупцијата


– Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) донела голем број одлуки, меѓутоа истовремено и очекувано голем дел од нив се запрени односно не се најдени елементи на корупција, е заклучокот во првиот извештај за наодите од мониторингот на Државната комисија за спречување на корупцијата во периодот од март до септември 2019 година, презентиран денеска од страна на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје.

Миша Поповиќ, програмски координатор во Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје по презентацијата сугерираше дека не е лошо ДКСК да работи со помал број предмети, но се очекува областите во кои се испитува појавата на корупција да бидат стратешки определени за да се постигне најголем ефект во тоа дека корупцијата не е исплатлива. Најави втор извештај за октомври-декември за работата на ДКСК со што ќе се заокружи 2019 година.

Според него, ефектот од одлуките од Антикорупциска, не може да се измери за овој кус период затоа што има почнати случаи и од други институции, особено каде што се вклучени, како што рече, моќни луѓе, високи функционери, а тие случаи траат долго. Клучното мерило на ефектот, оцени Поповиќ, е дали граѓаните стануваат убедени дека корупцијата не се исплати. Во моментот, подвлече, граѓаните мислат дека корупцијата се исплати.

– Фокус се нашите препораки. Антикорупциската комисија работи со многу лимитирани ресурси и мора да најдат начин како да работат на она што е најважно заради тоа што други истражувачки проекти што се занимаваат со Антикорупциска, утврдија дека од тие 20 луѓе не сите работат на еден случај на корупција. Зборуваме за прилично мал тим во ДКСК, кој треба да најде што е најважно и да сработи еден голем случај што ќе покаже и демонстрира дека има некакво кормило во борбата против корупцијата. Тоа е она нешто што во моментот е невидливо, потенцира Поповиќ.

На новинарско прашање за падот за 13 места според извештајот на Транспаренси Интернешенел на нашата држава во однос на корупцијата, тој смета дека поважни се поените, кои покажуваат мал пад или стоење во место. Слично покажува и извештајот на СЕЛДИ за искуство со корупција односно покажува мало подобрување, речиси незначително.

– Тоа значи дека додека ние седиме во место, падот од 13 места е всушност дека некој си ја подобрил сопствената позиција. Тоа кажува дека ние повеќе сме чамец што го носи некаква струја отколку што имаме весла и кормила во борбата против корупција. Се надевам дека институциите тоа ќе го видат, ќе помогнат на ДКСК да се доекипира, а самата Антикорупциска ќе собере храброст да работи многуи пофокусирано, изјави Поповиќ.

Мартина Илиевска, помлад истражувач во Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје информира дека во дадениот период ДКСК има оформено речиси 1000 случаи. Заклучно со крајот на септември имаат донесено 273 одлуки за случаи по различни осново, а најголем број се однесуваат за образование и јавните услуги. Според типот на повреда, најмногу се однесуваат на вработувања. Просечниот број денови што се потребни, покажува мониторингот, за донесување одлуки се околу два месеци и 18 дена. Таа оцени дека е позитивно тоа што ДКСК најголемиот дел од одлуките што ги има донесено ги има започнато по сопствена иницијатива.

– Во однос на политичките партии најголем дел од случаите се оформени за време на изборите односно се поднесени претставки за време на претседателските и локални избори, а за голем дел од нив се смета дека не се основани сомненијата за корупција или судир на интереси. За правосудството, дел од одлуките кои се донесени се однесуваат на вработувањето во правосудството, појасни Илиевска.

На прашањето колку случаи има отворено Антикорупција во однос бизнис-политика, таа посочи дека мал број од случаите што се затворени од ДКСК се однесуваат на бизнис, но не се знае колку од се уште отворените случаи се однесуваат на бизнис и мора да се чека на одлуките кои ќе бидат донесени.


Вести

АЕК: Ќе се блокираат повиците од странски неидентификувани броеви, граѓаните да не одговараат

Телекомуникациските оператори ќе ги блокираат броевите од кои што кон  домашни корисници од претпладнето има голем број неидентификувани повици од странство и во текот на денов таквите повици ќе престанат, изјави за МИА директорот на […]

Вести

Гордана Јанкулоска сведочеше за „Монструм“

– Крвна одмазда, имотен спор, лична пресметка, биле информациите за убиството на четирите mомчиња и рибарот на Смилковскоро езеро, кои доаѓале до Гордана Јанкулоска која во 2012 беше министерка за внатрешни работи. Таа денеска во […]

Вести

Милошоски и ја предаде на Русковска аудио снимката што ја пушти на собраниска комисија

–  Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја предал аудио снимката, која како што вели, ја добил од укажувач, а на која се претпоставува дека се слуша гласот […]