Собранието ја разреши Катица Јанева

Собранието на Република Северна Македонија ја разреши специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со 102 гласа „за“ без воздржани и против. За оваа одлука гласаа „за“ и 27 припадници од заедниците кои не се мнозинство. Јанева е во притвор како третоосомничена за случајот „Рекет“.

Парламентарните партии беа единствени во ставот за разрешувањето на Јанева, но на денешната седница пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ ги повторија своите различни позиции и гледишта за тоа какво треба да биде јавното обвинителство во кое треба да биде инкорпорирано СЈО. Тие меѓусебно се обвинуваа за правен хаос, штитење на криминалот, злоупотреби на правосудниот систем, пропаѓање на случаите на СЈО и нивно запирање.

Претседателот на Комисијата за избори и именувања Илија Димовски образложувајќи ја предлог-одлуката кажа дека се предлага Јанева да биде разрешена за незаконско, нестручно и несовесно работење. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде што доаѓа, кажа тој, ќе гласа за оваа задоцнета одлука, предупредувајќи дека секогаш кога државата носи неуставни одлуки, кога Собранието гласа неуставни закони како оваа за формирање на СЈО, за што гласал и тој, се случува правен хаос и штетите се санираат на многу потежок начин.

Според него, секој што направил криминал треба да одговара и оти злоупотребите на правосудниот систем во последните десетина години не донеле ништо добро. Смета дека единствено на СДСМ ваков правен експеримент им изгледал интересно и дека на таков начин тие мислеле дека ќе ги контролираат ДУИ за чии функционери имало дваесетина предистражни постапки во фиока. Во својот говор Димовски, меѓу другото, кажа и дека пратеници од неговата партија биле уценувани од СЈО за одлучување во Собранието. Јанева, додаде тој, дури и од притвор ја злоупотребува својата позиција.

Претседателот на Собранието Талат Џафери на забелешките на опозицијата за тоа што не закажал седница за разрешување на Јанева порано, рече дека тој работи според Деловникот и Уставот и оти има предлог-одлука на Комисијата за прашања на изборите и именувањата и оти таа денеска е ставена на дневен ред.

Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ повтори дека правда мора да има за секој што се огрешил. Ја обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ за политички манипулации и обид за спречување на случаите на СЈО. Ставот на СДСМ е повеќе од јасен, рече тој, потсетувајќи дека на Комисијата тие гласале за разрешување на Јанева и оти тоа ќе го сторат и денеска.

-Но, исто така сме одлучни и истрајни, правда мора да има за секој што се огрешил, рече Митрески.

Според него, сега се гледа зошто средбите меѓу лидерите на СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ не биле успешни – Заев бил за продолжување на случаите на СЈО, додека Мицкоски прави се тие да пропаднат. Тој исто така обвини дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се уште работат по налог на Никола Груевски со цел да се амнестираат обвинетите поранешни функционери од партијата.

Митрески кажа дека ВМРО-ДПМНЕ ги кочат евроинтеграциите процеси на државата. – Со нивното поведение свесно работат на штета на европските интеграции на државата. Од статусот на СЈО зависи дали ќе добиеме датум за преговори со ЕУ, рече Митрески.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицески рече дека разрешувањето на Јанева за СДСМ е фарса, повикувајќи се на согласноста што владејачката партија ја пратила до претседателот на Собранието во кое навела дека бара разрешување за несовесно и нестручно работење, но не и незаконски.

-Вашата цел со самото тоа што доставената согласност за разрешување на Катица Јанева е различна од барањето на Советот на јавни обвинители и различна од едногласно изгласаната одлука на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, па дури и различна од барањето на согласност испратено од господинот Талат Џафери, укажува дека акцијата за спасување на осомничената Катица Јанева е почната многу одамна, рече Мицевски.

ДУИ, пак, според пратеникот Артан Груби е единствената политичка партија која што бара институционална истрага за сите функционери почнувајќи од 2002 година, вклучувајќи ги и политичарите.

-Истовремено нема партија за која што има гласини и има повеќе објавени незаконски следње на комуникации од ДУИ, со продавања со лаги…нема поголема пропаганда од онаа за ДУИ дека била заштитена партија и криминализирана партија. Ако имаше ДУИ кривични дела ќе не оцрневте и ќе ни ја одеревте кожата, а да не зборуваме за правосудните органи, рече Груби.

Правосудниот систем во Македонија според пратеникот е селективен, а ветингот што го предлагаат не е само за судиите, обвинителите и други туку и за политичарите.

Според Фадил Зендели од Беса, разрешувањето на Јанева значи и згаснување на Специјалното јавно обвинителство.

– Погребувањето на СЈО го гледам од друг сегмент. Политичките партии и функционери денеска ќе слават. Не се работи за тоа дали ќе функционира СЈО туку за тоа дали ќе се справиме со криминалот во земјата, рече Зендели, според кого актулената Влада не изразила посебна желба за борбата против криминалот да биде на повисоко ниво. Пратеникот додаде дека СЈО има селективен пристап кон одредени предмети и политичари, кон опозицијата и власта.

Нола Исајловска од Независната група на ВМРО-ДПМНЕ жали што се уште нема одговори за скандалот со прислушувањето и што нема разврска која беше вистината, но надежта не треба да заврши тука.

-Крајот на приказната со Катица не треба да биде крај на надежта дека правда ќе има и дека расчистувањето на „Рекет“ со  почитување на пресумцијата на невиност ке биде импулс во довербата дека правда ке има, рече Исајловска.

Апелираше до лидерите да се искористи овој момент и да размислат дека е крајно време да се напушти концептот политиката да се меша во секоја област во државата, но и да е извлече поука дека концентрацијата на огромна моќ во една личност е опасен експеримент.

Собранието на Република Северна Македонија одлуката за разрешувањето на Јанева ќе ја испрати до Советот за јавни обвинители, кој според најавите би требало до утре да се состане и да ја констатира одлуката.

Мандатот на Катица Јанева како специјална обвинителка истекува утре, 15 септември.

 

Вести

За Макрон прерано е за преговори, Меркел се надева на компромис

Францускиот претседател Емануел Макрон смета дека Северна Македонија и Албанија треба уште малку да се стрпат пред да добијат одобрение за почеток на преговори со ЕУ. На заедничката прес – конференција со германската канцеларка Ангела […]

Вести

Сириската војска влезе во Рака и поставува набљудувачки места

Група сириски војници влезе во градот Рака и започна со поставување набљудувачки места, објавија локалните медиуми. Веста дојде само неколку дена откако курдските сили, кои го зазедоа градот од Исламската држава, склучија договор со сириската […]

Вести

Судењето за насилствата пред Општина Центар продолжува на 18 ноември

Судењето за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година продолжува на 18 ноември откако денеска постапката почна одново поради истек на 90 дена од одржување на последното рочиште. За следното рочиште повикан е како […]