Силјановска, Пендаровски и Река во трката за претседател, уште два дена за увид во Избирачкиот список



Само тројца од девет кандидати ќе влезат во трката за претседател на државата на 21 април. Државната изборна комисија потврди дека Гордана Силјановска Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река во предвидениот законски рок ги собрале потребните потписи.


 

Силјановска-Давкова, која е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ собрала 15.926 потписи, а Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ, собрал 31.729 потписи. Блерим Река, поддржан од Алијанса на Албанците и движењето Беса, собрал 11.128 граѓански потписи.

Пендаровски и Силјановска-Давкова имаат поддршка и од најмалку 30 пратеници.

Портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска посочи дека тече јавниот увид во Избирачкиот список и дека истиот е отворен за увид до 14 март до 24 часот.

Гугучевска рече дека до вчера вкупно 50.572 граѓани извршиле увид во Избирачкиот список во подрачните одделенија и канцеларии и оти се донесени 119 решенија за запишување во Избирачкиот список, 107 решенија за бришење од Избирачкиот список, како и 29 решенија за промена на податоци во Избирачкиот список.

– Апелираме до граѓаните најдоцна на 14 март да ја искористат можноста за увид во Избирачкиот список, и доколку имаат потреба, да поднесат барање за запишување, бришење или промена на податоци во нашите подрачни одделенија или канцеларии, додаде портпаролката на ДИК.

Во тек е и пријавувањето за гласање во странство, а до завчера биле поднесени само 920 пријави, од кои пет се одбиени.

Избирачкиот список се става на јавен увид со состојба на податоци на граѓани со наполнети 18 години живот со важечка лична карта или пасош на денот на изборите (21 април 2019 година), умрени лица 30 дена пред денот на распишувањето на изборите (8 јануари 2019 година) и други податоци од Избирачкиот список на денот на распишувањето на изборите (21 април 2019 година).

Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.

И покрај тоа што кампањата за претседателските избори не е почната и до нејзиниот старт има половина месец, кандидатите за претседателската функција веќе се во неформална кампања, одржувајќи прес-конференции, средби со граѓани, објавувајќи статуси на социјалните мрежи…

Пендаровски, Силјановска Давкова и Река треба да ги достават кандидатурите до Државната изборна комисија најдоцна до 21 март, кога и официјално ќе станат кандидати за претседател на државата.

Кампањата за претседателските избори почнува на 1 април. Според ДИК, иако претседателските кандидати и пред нејзиниот старт веќе се активни на терен, сите нивни активности до поднесувањето на кандидатурите се сметаат за партиски средби.

Според членот 69-а од Изборниот законик за „изборна кампања се смета јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесникот во изборната кампања, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми”.