Се актуелизираат помилувањата на Иванов од 2016


Уривање на правната држава, на принципот на владеење на правото и директен удар на демократијата. Вака државните претставници и правните експерти ги оценуваат можните последици што може да ги предизвика евентуалната одлука на Уставниот суд за укинување на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година.

По оваа постапка на Уставниот суд, министерката за правда Рената Дескоска го повика Собранието, а пратеничката група на СДСМ поднесе барање за автентично толкување на чл. 11 од Законот за помилување, кој се однесува на правото на претседателот на државата да дава помилувања без одобрение и мислење од посебната комисија.

Претседателот Стево Пендаровски смета дека евентуалната одлука на Уставниот суд со која практично би се активирало помилувањето што го даде неговиот претходник Ѓорге Иванов на осомничени за сериозен криминал што беше предмет на истраги на СЈО, би бил директен удар на демократијата и правната држава.

Тој апелира до судиите од Уставен кои гласаа за покренување на таа иницијатива, да се разбудат на време и да сфатат дека во оваа земја повеќе Никола Груевски не е господар на нашите животи.

-Помилувањето кое го даде Иванов беше акт на неправда, не беше ниту правно засновано, а не беше ниту демократско. Сега вие да расправате за еден акт што ја пробуди досега единствената демократска револуција во нашата земја, во 30 години независност е невиден чин, изјави Пендаровски.

И поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски во изјава за МИА посочи дека уставните судии треба да сфатат дека правната држава се гради преку принципот на владеење на правото и дека не треба да потпаѓаат под влијание на какви било политички  притисоци, да навлегуваат во линија да го руши принципот на владеење на правото односно да ја руши самата правна држава.

-Сите знаеме на што е последица сегашното реагирање на Уставниот суд. Иницијатива секој може да поднесе, меѓутоа за да се стави и да се даде легитимитет на таа иницијатива и уште повеќе да се поведе постапка, мислам дека тука се поаѓа од аспект да се заштити криминалот, да се заштитат криминалците, и дека е во функција да нема одговорност за криминалот, истакнува Ивановски.

Според него, прашањата што се третираат со оспорената одредба од законот која е во основа на членот 11-а биле јасни уште кога поранешниот претседател Иванов донесе одлука без никаков законски основ, зашто се повикал на една одредба од законот која веќе беше  укината од самото Собрание.

– Бидејќи претседателот  донесе одлука за аболиција која немаше законски основ, и по реакцијата на македонската јавност тој беше принуден таа одлука да ја повлече. Имаше соодветни приговори за тоа дека наводно претседателот нема овластување за тоа. И сега како кец на десетка, се злоупотреби правото и правните одредби, за тоа да се овозможи. Нормално јавноста е вознемирена, вознемирено е и правото, вели Ивановски.

Иако во образложението уставните судии се повикуваат на принципот на владеење на правото, Ивановски предупредува дека треба да се внимава, и ако некој го сфаќа буквално и сака некакво покритие за да го руши како принцип, тогаш тој скаран со правото.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу смета дека иницијативата пред Уставен е погрешна одлука во погрешно време.

– Ова е ситуација во која сите губат, освен личностите кои се дел од тој процес, кои биле аболицирани од претседателот, затоа што штета ќе имаат сите, рече Муслиу.

Министерката за правда Рената Дескоска го повика Собранието да даде автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување со цел да се спречат обидите за избегнување на правдата и обезбедување неказнивост за сериозни кривични дела, осносно активирање на незаконските помилувања дадени од поранешниот преседател Иванов.

–  Целта на сите овие манипулативни обиди е постигнување на неказнивост за кривичните дела кои беа предмет на Специјалното јавно обвинителство, а кои сега ги продолжи редовното обвинителство. Со отварањето на вчерашната постапка од страна на Уставниот суд за оценка на членот 11-а се заканува голема опасност за иднината на постапките кои се водат за и врз основа на прислушуваните материјали. Јас не сакам да прејудицирам, ниту да влијаам на било каква одлука на Уставниот суд, но за да се спречи активирање на незаконските помилувања дадени од поранешниот преседател Иванов, изјави Дескоска.

Таа го повикува Собранието да ги искористи механизмите кои ги има и со свое автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување да го потврди тоа што го тврди стручната јавност, а тоа, како што наведе, е дека членот 11 на кој Иванов ги засноваше своите масовни помилувања, не постоеше, односно дека одлуката на Уставниот суд од март 2016 година за укинување на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година, не го оживеа стариот член 11 од законот.

Пратеничката група на СДСМ поднесе Барање за автентично толкување на член 11 од Законот за помилување.

-Со овој чекор сакаме да ги спречиме најавите да се врати незаконската аболиција на Ѓорѓе Иванов, против која застанаа сите слободоумни граѓани, зад која застанавме и ние. Неказнивост на делата што ги направи режимот предводен од ВМРО-ДПМНЕ не смее да има и нема да има, ние тоа нема да го дозволиме, велат од СДСМ.

Според лидерот на Демократски сојуз,  Павле Трајанов одлуката на Уставниот суд е театар на апсурдот, а за адвокатот Александар Тортевски целта на одлуката е да се  спасат од кривичен прогон обвинетите и осомничените за злоупотреби.

За ВМРО-ДПМНЕ, пак, поднесената иницијатива создава можност Зоран Заев преку Уставниот суд, како што наведуваат, после поразот на следните предвремени парламентарни избори да биде амнестиран за сите коруптивни афери и зделки познати во јавноста. Уставниот суд ќе создаде пракса, а Пендаровски треба да реализира, велат од опозциската партија. Според нив, оваа одлука на Уставниот суд е јасен показател дека тој и целото судство се потчинети на власта, која, како, што велат, со оваа тема го оттргнува вниманието од криминалот и суштинските прашања во државата.

Уставниот суд во средата одлучи да поведе постапка за оценување на членот 11 – а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 – та година. Членот 11 – а овозможува претседателот на државата да повлече веќе донесена одлука за помилување. Тоа, според правните експерти, може директно да влијае врз актуелните обвиненија и истраги, и предметите што ги почна СЈО врз основа на прислушуваните разговори.

Дополнувањето на членот 11, со став 11 а, го направи претходниот собраниски состав кога мнозинството во Парламентот го имаше коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот Ѓорге Иванов донесе одлука за аболиција на педесеттина лица во 2016 година, но по протестите и реакциите од меѓународната заедница ја повлече одлуката.


Бизнис

Бензините поевтини до денар ипол, дизелот поскап за половина денар

– Цените на бензините од полноќ се намалуваат од денар до денар ипол, а цената на дизелот и Екстра лесното масло за домаќинство се зголемува за половина денар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика. Согласно […]

Вести

Нухиу: Заразени пет вработени во МВР, реален ризик од коронавирус во Полициската станица Петровец

– Заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу на својот фејсбук-профил напиша дека Полициската станица Петровец е во реален ризик од коронавирус. – Вирусот Ковид-19 почна да напаѓа и во Министерството за внатрешни работи. Потврдено дека […]

Вести

Конкурс за прием на средношколци во јавните ученички домови во 2020/2021

– Министерството за образование и наука денеска објави Конкурс за прием на ученици во 18 јавни ученички домови во учебната 2020/2021, во кои учениците од средно образование ќе бидат сместени и ќе имаат исхрана. Слободни се вкупно […]