Американскиот државен секретар Ентони Блинкен се закани со санкции против генералите во Судан поради непочитување на примирјето.
Според очевидци, седумдневното примирје било прекршено во главниот град Картум, над кој летале борбени авиони, а во некои области продолжиле борбите.
Конфликтот меѓу владините сили и паравоените сили за брза поддршка, кој трае веќе шест недели, предизвика хуманитарна криза во земјата, а повеќе од милион луѓе се раселени.
Во последните недели, САД и Саудиска Арабија посредуваа во разговорите меѓу завојуваните страни.
Новото примирје беше објавено за време на викендот и стапи во сила синоќа, што е седми обид досега да се запрат борбите во земјата. Сите досегашни примирја беа прекршени.
Во видео пораката која Американската амбасада денеска ја објави на социјалните мрежи, Блинкен рече дека борбите биле „трагични, бесмислени и разорни“.
Примирјето, рече тој, има за цел да овозможи испорака на хуманитарна помош и да ги обнови основните услуги и инфраструктурата уништена во судирите.
Воспоставен е механизам за надгледување на прекинот на огнот, во кој има тројца претставници на завојуваните страни, тројца од САД и тројца од Саудиска Арабија.
„Доколку се прекрши примирјето, ќе знаеме и прекршителите ќе ги сметаме за одговорни преку санкции и други средства. Овозможивме прекин на огнот, но одговорноста на суданските вооружени сили и Силите за брза поддршка е да го спроведат“, рече тој.
Преговорите за прекин на огнот се одржаа во саудискиот крајбрежен град Џеда, на Црвеното Море.