Пожарот кај Стара рампа локализиран, нема повредени


Пожарот што денеска избувна кај Стара рампа спроти Тутунски комбинат е локализиран, и според привичните информации, нема повредени.

 

 

Командирот на скопската Бригада за противпожарна заштита Звонко Томески рече дека е спречено ширење на пожарот.

-Затекнат е пожар во разгорена фаза, брзо е интервенирано, направено е секторирање на објектот, спречено е ширењето на пожарот кон соседниот објект, останатиот дел е изгаснат брзо и ефикасно, интервенирано е со шест противпожарни возила и 20 пожарникари, изјави Томевски.

Опожарени се околу 300 метри квадратни, а според Томески, нема повредени лица во пожарот.

-Во моментот нема лица внатре, нема повредени. Опожарени се околу 300 метри квадратни, отежнувачки фактор беше што од едната страна на објектот се наоѓа објект кој е во градба, ископ кој ни ја отежнуваше интервенцијата. На дуќанот нема оштетувања, тоа беше приоритет да се сопре пожарот да се шири кон дуќанот. Нема повредени пожарникари, нагласи Томевски.

И градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски потврди дека нема повредени во пожарот. Најави дека ќе се испитува чие е земјиштето и бараките што се изгорени.

Како што информираше, во тие бараки имало населено семејство на диво, но било отстрането од таму по неколку месеци.

-Ова е трет пожар откако сум јас градоначалник. Според досегашните информации, причината за трите пожари е иста, а тоа е диво вселени граѓани кои се причинители на самиот пожар. Во моментов она што го имам како информација, а дополнително во текот на денот ќе се произнесеме, е дека има сопственост на бараките и на земјиштето, има ДУП што е во важност и не гледам кои се причините за некој сам да си го пали земјиштето за да гради, доколку може да го урне истото и да гради, рече Герасимовски.