Во Општина Тетово беше претставена физибилити студија со цел воспоставување јавно-приватно партнерство за менаџирање со паркинг услугите во градот. Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами истакна дека потребен е приватен партнер поради општата негативна финансиска состојба на општината.
-Физибилити студија ќе оди на седница на Совет по што ќе следи процедура за избирање на приватен партнер со цел да имаме повеќе паркинг места и подобри услови со цел побрзо и поефикасно ги реализираме нашите обврски и услуги кон граѓаните. Имајќи во предвид дека Општина Тетово е се уште во тешка финансиска ситуација, дека немаме подршка од централни институции се определивме за овој модел да прибереме приватен капитал, истакна Касами.
На новинарските прашања зошто има потреба за приватен партнер за ЈП „Градски паркинг“ кога самиот истакна дека почна да работи со позитивно салдо, Касами рече дека со приватниот партнер општината ќе има уште повеќе придобивки.
-Една придобивка е да се плати комунална такса од 12 проценти од прометот кон општината за користење на јавните површина, која обврска сега Паркинзи не ја плаќа. Исто така, приватниот партнер ќе плаќа и концесиска такса-надоместок. Имаме неколку придобивки и подобрување на услугите кон граѓаните. Се предвидува да се инвестира во софтвер. Нема да има отпуштања на вработени, туку ќе има потреба од повеќе работници со зголемување на бројот на паркинзи, рече Касами.
Физибилити студијата за оправданост за доделување на договор за воспоставување на јавно-приватно партнерство ја образложија од Центарот за економски анализи.
-Со планот за проширување од 1014 вкупно паркинзи до крајот на 2023 година ќе има 1470 паркинзи од отворен ттип, 590 од затворен тип, или до крај на 2023 да има вкупно 3074 паркинг места, а по 2024 до 3554 паркинг места. Бројот на вработени треба да достигне 122. Предвидена е инвестиција од 778.720 евра со кои ќе се набават две пајак возила, пет возила за мобилни екипи, ќе се направи кол-центар, систем за затворени паркинзи, земјиште за оставање на возила и друго, образложи Марјан Николов од ЦЕА.
Презентирани беа и очекуваните приходи, кост бенефит анализа, критериуми за избор на најповолен приватен партнер, основните модели на предложениот модел и индикативен план за имплементација.