Пад од 13 места за земјава во однос на степенот на корупција, Владата уверува дека води бескомпромисна борба


– Пад од 13 места бележи Република Северна Македонија во рангирањето на Индексот за перцепција на корупцијата, односно со вкупно 35 поени е пласирана на 106 место, за разлика од 2018, кога беше на 93-то место со 37 индексни поени, а во 2017 година на 107-та позиција.

Ова го покажува извештајот за Индексот на перцепција на корупцијата 2019 година (ИПК), објавен денеска од Транспаренси интернешенел, во кој се опфатени 180 држави, а акцентот бил ставен на врската помеѓу корупцијата и политиката не само преку финансирањето на изборните кампањи, туку и воопшто преку спроведување нечии интереси што се остваруваат преку влијание со финансирање на политиката.

Според претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска, ако се реши случајот „Рекет“, ќе се подобри перцепцијата за корупцијата во земјава, но ќе се зголеми и довербата на граѓаните во институциите.

– За жал, ни се случи тешка и лоша работа минатата година, случајот „Рекет“, кој многу придонесе да се влоши перцепцијата за корупцијата во нашата држава. Добро е што се работи на овој случај, а уште подобро ќе биде ако се сработи, па луѓето малку да ја променат перцепцијата, да ја зголемат довербата во институциите, изјави претседателката на ДКСК, одговорајќи на новинарски прашања пред годишната конференција во рамките на проектот „Заедно во борба против корупцијата“.

Оценка на Ивановска е дека, сепак, бележиме некаков прогрес. Лани бил историски најголем бројот на претставки од граѓаните до ДКСК што покажува зголемување на јавната свест, а исчекор има и во работата на институциите, иако тука има уште многу простор за подобрување.

Претседателката на Транспаренси интернешенел Македонија Слаѓана Тасева, која вчера ги презентираше резултатите на ИПК, на новинарско прашање дали случајот „Рекет“ имал некакво влијание врз индексот, одговори дека целата ситуација околу намалување на ефектите од работењето на СЈО и губењето на довербата сигурно има влијание, затоа што дел од тие резултати или анализи се правени во текот на 2019 година.

Мерките што се преземаат, односно што се презентираат дека се преземаат за борба против корупцијата, оцени таа, не се реални, не се вистински, не се објективни и не даваат никаков резултат.

Во однос на улогата на Државната комисија за спречување на корупцијата, Тасева смета дека таа сама по себе не може да даде ефект бидејќи не ѝ се дадоа доволно ресурси за да може да работи. Од нивните одлуки, посочи, нема никаква реакција понатаму, никој не ги спроведува.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање за извештајот на Транспаренси изјави дека први сме во Европа по корупција, а државата вака оди директно во провалија.

– Во оваа држава криминалот си има сопствена држава. Проблемот е што одговорните што треба да се справат со тој криминал не сносат никаква одговорност. Нели постоеше „Сваровски судство“, постоеше режим како што тие викаа, постоеше криминал, ама во 2015-та Македонија на истата оваа скала е 66-та, 40 места повисоко пласирана, денеска кога имаме слобода нели животот дојде, на прав пат сме, сè блеска, а денеска сме 106-ти на листата. Бројките се немилосрдни. Сме биле подобри од Бугарија, Грција, Албанија, Босна, Косово, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

По објавувањето на извештајот од Транспаренси интернешенел и Владата објави соопштение во кое се вели дека за бескомпромисна борба против корупцијата ги подигнала отчетноста и транспарентноста на институциите на извршната власт, „која треба да биде зајакната и со независно, транспарентно и отчетно судство и обвинителство, со непартизирана антикорупциска комисија“.

Владата на Северна Македонија, стои во соопштението, останува посветена на реформите во полето на борбата против корупцијата и ќе продолжи со имплементација на механизмите што овозможуваат правично функционирање на системот.

Од Владата порачуваат дека таа останува да се раководи од ставот дека отворените податоци се силен поттик и дополнително ги јакнат доброто управување, транспарентноста, интегритетот и со јавното учество на граѓаните и другите засегнати страни во креирањето на политиките.

Сите реформи што беа преземени и што се спроведуваат, се подвлекува во соопштението, се во насока на создавање силни и независни институции и механизми за борба против корупцијата, сѐ со цел да се врати довербата на граѓаните во институциите на системот.

Во таа насока, соопштија од Владата, имаме сериозни остварувања и резултати.

Се повикаа на последното истражување на „Action SEE“ за транспарентност, отвореност и отчетност на извршната власт во регионот на Западен Балкан објавено минатата година, во кое Владата на Република Северна Македонија заедно со Црна Гора се издвојуваат во регионот според индексот на отвореност, кој изнесува 78 проценти во однос на исполнување на индикаторите.

– Трендот е растечки во последните две години и донесе пресврт во рангирањето на нашата земја, ако се знае дека во 2016 година бевме на последното место со само 52 проценти исполнети индикатори, се посочува во соопштението.

Се осврнуваат и за донесената законска регулатива, која на Државната комисија за спречување на корупцијата – од започнувањето со функционирање во новиот состав минатиот февруари, ѝ создаде солидно досие на поведени случаи, вклучително и поведени иницијативи за утврдување кривична одговорност за актуелни носители на јавни функции, како и поништени решенија за вработување.

На 17 јануари, потсетуваат во соопштението, ДКСК ја донесе петгодишната национална стратегија за спречување на корупцијата чии цели се зголемување на нивото на политичка одговорност, спречување на политичкото влијание, јакнење на интегритетот и транспарентноста при вработување во јавниот сектор, кое треба да се базира на квалитет, јакнење на надзорните и контролните механизми и намалување на корупцијата во јавните набавки и доделувањето грантови. Сепак, националната стратегија сè уште е во Собранието, а од ДКСК изразуваат надеж дека таа ќе биде усвоена од овој пратенички состав, а тоа ќе биде уште еден адут плус, како што рече вицепремиерот Бујар Османи, за почеток на преговорите во ЕУ.

Минатата година е усвоена Стратегијата за транспарентност на Владата на Република Северна Македонија за периодот 2019-2021 година, со Акциски план, за унапредување на амбиентот за транспарентност и доверба во работата на институциите.

Со порталот „Отворени финансии“, потсетуваат во соопштението, оваа влада го отвора државниот трезор на Министерството за финансии, и на увид на јавноста ги става сите минати, сегашни и идни финансиски трансакции, на буџетските корисници од Буџетот на Република Северна Македонија. Сите идни ќе се прикажуваат на секои 15 дена.

– Првпат во политичката пракса во нашата земја, Владата е таа што, самоиницијативно, го стави на најотворен, најтранспарентен начин, своето финансиско работење. Многу малку земји можат да се пофалат дека имаат воведено ваква алатка, која им овозможува на граѓаните да имаат увид во приходната и расходната страна на Буџетот во секое време, се посочува во соопштението од владиниот Сектор за односи со јавноста.

Отворањето на трезорот и сите податоци во него, оценуваат во соопштението, е една од најголемите мерки во насока на намалување на корупцијата и неправилностите во работењето на државните институции, како и штедење на парите на граѓаните.

Меѓу другото посочуваат дека преку порталот „Отворени податоци“ е овозможено максимално учество на граѓаните при креирањето политики и при анализа на испорачаните резултати. Пред две години, подвлекуваат, првпат во политичката историја на Република Северна Македонија, Владата, самоиницијативно, на увид на граѓаните ја стави можноста да го следат и анализираат трошењето на средствата на граѓаните од страна на владините функционери.

– Бројките на отворени и затворени случаи, како и бројот на високи функционери чии имоти и начин на работа беа и се предмет на истражување на институциите (пред сѐ на ДКСК), покажува дека правецот во кој се движи државата кога е борбата против корупцијата во прашање е добар и среднорочно и долгорочно дава плод. Работата исто како и имотот на функционерите е под лупа како никогаш досега, се вели во соопштението.

Претходно, на прес-конференција Слаѓана Тасева, претседателка на Транспаренси интернешенел Македонија, оцени дека овој надолен тренд го гледаме уште од 2012 година и порано, во борбата против корупцијата и убедливо сме на најниската позиција од сите држави и во регионот.

– Годината што измина беше во знакот на заробената држава. Високото ниво на политичка корупција, недоволната транспарентност на јавниот сектор и неефикасноста на контролните и регулаторните тела се резултат на недоволниот капацитет за нивното работење. Во периодот што претстои неопходни се натамошни суштински реформи во сферата на борбата против корупцијата, заклучи Тасева.

Минатата година, како што рече, коментиравме дека резултатот бележи подобрување под влијание на перцепцијата за работењето на СЈО или под влијание вербата и довербата што граѓаните ја имаа во работењето на таа институција. Денес, посочи Тасева, резултатите покажуваат дека довербата во институциите во јавниот сектор, во политиката значително се намалува повторно, истакна меѓу другото Тасева.

На новинарско прашање дали промената на името на нашата држава има влијание, Тасева децидна дека укажувањата оти не е доволно само да се смени името за да очекуваме датум за преговори се оправдани, затоа што, рече, сè друго заостанува, реформите што треба да се направат заостануваат.

– Фрустрацијата со владите и корупцијата во политиката, како и недостигот на доверба во институциите, зборува за потребата од поголем политички интегритет. Оваа порака уште повеќе добива во сила кога се наоѓаме пред избори и посебно треба да ја упатиме и граѓаните да разберат дека од политичарите и од политиката треба да побараме повисок интегритет, повисока одговорност и отчетност доколку сакаме проблемот со корупцијата во нашата држава да се намалува, е основната порака од Транспаренси интернешенел, рече Тасева.

Главната препорака од Транспаренси интернешенел е дека треба да се менаџира и контролира судирот на интереси, да се контролира финансирањето на политиката, да се зајакне интегритетот во политиката и на изборите и да се сузбива повластениот третман во сите сфери.

– Да се зајакне и потребата од проверка и контрола, да нема недопирливи, како што има денес недопирливи за каква било реакција од кого било или, пак, за реакција од судските власти или за санкционирање. Ова се препораки што денеска се релевантни и валидни на светско ниво, потенцира Тасева.

Во однос на нивото на корупцијата во регионот најдобро рангирана на ИПК е Словенија на 35-то место, а најлошо нашата држава на 106-то место, додека Хрватска е на 63. место, Црна Гора на 66, Бугарија на 74. место, Србија на 91, Косово и Босна и Херцеговина се на 101. место.

На ИПК, на скала од 0 до 100, највисоко рангирани и годинава се Нов Зеланд со 87 индексни поени, Данска 87, Финска 86, Швајцарија и Сингапур 95 и Шведска со 85, најниско рангирана исто како и лани е Сомалија на 180. позиција со 9 индексни поени, а пред неа се Јужен Судан, Сирија и Јемен.

– Фрустрацијата со владите и корупцијата во политиката, како и недостигот на доверба во институциите, зборува за потребата од поголем политички интегритет. Оваа порака уште повеќе добива во сила кога се наоѓаме пред избори и посебно треба да ја упатиме и граѓаните да разберат дека од политичарите и од политиката треба да побараме повисок интегритет, повисока одговорност и отчетност доколку сакаме проблемот со корупцијата во нашата држава да се намалува, е основната порака од Транспаренси интернешенел, рече Тасева.

Во просек на светско ниво годинешниот ИПК бележи пад во сите држави, многу мал број, околу 22 држави, бележат пораст што е статистички значаен или бележат подобрување на перцепцијата за корупцијата.


Вести

Расте бројот на инфицирани со Ковид-19, но засега нема поригорозно ограничување на движењето на граѓаните

– Во деноноќието меѓу 30 и 31 март се потврдени 44 нови случаи на инфицирани со коронавирусот, со што бројот на вкупно заболени досега достигна 329, од кои 12 се излекувани, а деветмина починаа. Властите […]

Вести

Минимална плата и дополнителни кредити за приватниот сектор за зачувување на работните места и ликвидност

– Финансиска поддршка за претпријатијата од приватниот сектор за исплата на плати за своите вработени во висина од 14.500 денари за месеците април и мај, кратење на платите за сите избрани и именувани функционери на […]

Вести

За непочитување на полицискиот час, 24 скопјани ги очекува 48 илјади евра казна

Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе предлози за издавање казнени налози пред Основниот кривичен суд Скопје, против вкупно 24 лица кои не го почитувале полицискиот час, информираат од скопското Обвинителство. – Обвинетите, во различни кривично-правни […]