Мешовитата македонско-бугарската експертска комисија утре и задутре на нов состанок во Софија


Утврдување на препораки до владите и соодветните министерства на двете држави за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение според бугарскиот образовен систем и седмо одделение според македонскиот образовен систем, коишто ги опфаќаат средновековниот период од историјата и евентуално заедничко чествување на Гоце Делчев се двете теми за кои ќе расправаат членовите на Заедничката комисијата меѓу Република Македонија и Република Бугарија, на седмиот состанок, кој ќе се одржи утре и задутре во Софија.

Средбата е продолжение на претходната, која се одржа во Скопје во јуни, а таа како што информираат од Мешовитата експертска комисија е четврта оваа година и до крајот на годината се предвидени уште две средби.

Досега, заедничката комисија има одржано шест средби и препорачано на владите на двете држави заеднички чествувања на Св.Кирил и Методиј, Св.Климент, Св.Наум и Цар Самоил, како и препораки за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во Република Северна Македонија и петти клас во Република Бугарија кои се однесуваат на античкиот период од минатото.

Препораките до двете влади за периодот на антиката за учебниците од петто одделение во бугарскиот образовен систем и за шесто во македонскиот образовен систем беа усвоени на последиот состанок, што се одржа на почетокот на јуни во Скопје.

Претседавачот на земјава во Комисијата, Драги Ѓоргиев по завршувањето на состанокот во јуни рече дека заклучокот бил во следните два месеца да биде разменета првата драфт верзија за средновековниот период и тогаш изрази надеж дека на средбата во септември ќе успеат да ги усвојат препораките и за средниот век.

Гоце Делчев беше тешкото прашање на последната средба во јуни, а тогаш Ѓоргиев и бугарскиот претседавач Ангел Димитров напоменаа дека за одредени работи експертите од двете земји постигнале согласност во однос на личноста и делото на Делчев, но за одредени, нивните мислења се спротивставувале.

Димитров изрази увереност дека доколку се продолжи со овој конструктивен пристап на состаноците на коишто се почитуваат фактите и си има правилен пристап кон историјата, со сигурност ќе се најде заеднички јазик за заедничко чествување на Гоце Делчев.

-Уверен сум дека има простор и основа да најдеме разбирање ако се однесуваме сериозно кон историските факти и документација, со почитување на позицијата на другиот. На тој начин ќе стигнеме до она што во моментов на некои им изгледа далечно, рече Димитров по јунскиот состанок.

Целта на состаноците, како што велат од Комисијата, е да се изврши денационализација и деполитизација на минатото. Комисијата е формирана на паритетна основа за решавање на историските и образовни отворени прашања, согласно со член 8 став 2 од Договорот за добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, потпишан на 2 август 2017 година. Има по седум членови од двете држави, претседател од македонска страна е Ѓоргиев, а од бугарска Ангел Димитров – првиот амбасадор на Бугарија во земјава.

Вести

O2 Иницијатива: 6 тони вода со елементи на опасна хемикалија, метил акрилат мономер, се излеале денес во ОХИС

☣️ 6 тони вода со елементи на опасна хемикалија, метил акрилат мономер, се излеале денес во ОХИС. Од Институтот за хемија тврдат дека метил акрилат мономер кој истекол, бил токсичен. Со анализи надвор од земјава […]

Вести

Криворучко: Првиот „Су-57“ е подготвен за испорака на руските воздухопловни сили

Првиот сериски произведен борбен авион од петата генерација „Су-57“ е подготвен за испорака на руските воено-воздухопловни сили, изјави денеска заменик министерот за одбрана на Руската Федерација, Алексеј Криворучко. -Што се однесува на програмата за создавање […]

Вести

Инспекторатот во контрола на ОХИС: Истекла течност од цистерна во која бил складиран метил акрилат мономер

Инспектори на општина Кисела Вода, Град Скопје и од Државниот инспекторат за животна средина и екипа на Минисерството за внатршни работи вршат увид во кругот на Охис каде се случило излевање на вода со која […]