Јанева негира вмешаност во „Рекет“, тврди дека некој со сите сили сака да го урне СЈО


Специјалната обвинителка во оставка Катица Јанева вчера на прес-конференција негираше дека е вмешана во случајот „Рекет“. Обвини дека против неа и нејзиното семејство се води хајка уште од самото стапување на функцијата, со цел нејзина дискредитација. Се извини што досега не излегла во јавноста, за, како што рече, да не се создал впечаток дека прави притисок или се меша во истражните дејствија.

Пред прес-конференцијата, Јавното обвинителство соопшти дека вчера бил пронајден и одземен и вториот нејзин телефон за кој се тврдеше дека е загубен. Пронајден е кај лице кое изјавило дека му бил даден на подарок.

Јанева, која даде оставка на функцијата, вчера се појави во просториите на Специјалното јавно обвинителство. Таа од минатиот вторник беше на боледување, откако во понеделникот си даде оставка на функцијата. Од тогаш не беше достапна за јавноста.

Јанева се поврзува со случајот „Рекет“ поради што и беше одземен телефонот и даден на вештачење.

– Најдоговорно тврдам дека на ниту еден начин, ниту свесно, ниту несвесно, ниту со сторување, ниту со несторување не сум ја злоупотребила должноста која во моментов се уште ја извршувам и јавно ги охрабрувам правосудните органи до крај да ги расчистат сите околности за случајот „Рекет“, рече таа.

Потврди дека се познавале со Бојан Јовановски.

– Точно е дека се познаваме со Бојан Јовановски. Не сум криела дека мојот син работи во 1ТВ  и дека на дневна основа комуницира со лицето кое е осомничено, но тоа не значи дека некој стекнал право да ја користи мојата службена должност за да остварува привилегии и незаконити дејства, рече Јанева и додаде дека очекува транспарентна постапка за да се стави крај на сите информации, со кои како што наведе, некој се обидува да им нашетети на нејзиниот углед и чест.

Рече дека во подолг временски период до неа допираат гласови оти не само Бојан Јовановски туку и многу други без да знае, го злоупотребувале нејзиното име и презиме за различни цели.

Потсети дека веќе ја има депонирано оставката, што ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласт за новото законско решение за статусот на СЈО.

– Ја поднесов оставката зашто не сакам да бидам користена за нечие алиби за европските интеграции, но потврдувам дека нема на никаков начин да влијаам на конечниот исход на случајот „Рекет“. СЈО е поголемо и позначајно од мојата сегашна функција, беше е и верувам дека ќе остане симбол на беспоштедна битка против високата корупција и криминал, рече таа.

Истакна дека остава во наследство десетина затворени истраги, подготвени за брзо процесирање.

– Тие предмети ќе и дадат одговор на јавноста зошто некој со сите сили се убедуваше да го спречи мојот реизбор и со невидена медиумска хајка се обидува  да го загрози и кредбилитетот на СЈО, заклучи Јанева во изјавата за медиумите дадена во СЈО.

Минатата недела, обвинителите на СЈО во изјава за медиуми упатија апел за побрзо расчистување на случајот „Рекет“, но и почитување на пресумпцијата на невиност, како и зачувување на интегритетот на Обвинителството. Побараа евентуалните инкриминирачки дејствија да не се поврзуваат со целокупната работа на СЈО.

Тимот обвинители на Јанева тврди дека не се доведени во прашање истрагите и предметите влезени во судска постапка и покрај тоа што се утврдува евентуална вмешаност на нивната шефица во друг случај. СЈО, велат тие, е институција во која работат обвинители и истражители со висок интегритет.

Странските дипломати за случајот „Рекет“ со поддршка да се спроведе темелна и брза истрага.

–  САД поддржуваат темелна, брза и транспарентна истрага во сите случаи каде што постојат тврдења за корупција и злоупотреба на функцијата. Исклучително е важно, во секој случај со вакви тврдења, тие поединци да бидат повикани на одговорност, а Владата да презема дејствија. Ги уважуваме и ги поздравуваме чекорите што ги презема Владата за ставање крај на корупцијата и во борбата против неказнивоста, изјави во интервју за Алсат М, американската амбасадорка во земјава Кејт Бернс.

Бернс истакна дека САД ги следат актуелните случувањата и поддржуваат силно, независно обвинителство и оти е важно да се зачуваат капацитетите на Специјалното обвинителство.

И евроамбасадорот Самуел Жбогар пред неколку дена рече дека последните случувања во врска со „Рекет“ не треба да имаат последици врз перспективите на земјата да добие датум на преговори со ЕУ.

Напротив, како што рече, активностите што ги презема Јавното обвинителство претставуваат функционирање на владеење на правото.

За случајот „Рекет“ Јавното обвинителство отвори истрага против двајца осомничени за случај во кој се инволвирани сопственик на телевизија, бизнисмен и јавен обвинител. Неформалниот сопственик на телевизијaта 1ТВ Бојан Јовановски и бизнисменот Зоран Милески – Кичеец се осомничени за кривичното дело примање награда за противзаконито дејствие, а Јовановски се сомничи и за перење пари.

Вести

По 100 години Германија воведува воени рабини

Германската влада денеска донесе одлука да  врати рабини во воена служба по повеќе од 100 години, како што беше предложено претходно од централниот Совет на Евреите. „Денеска ние дадовме важен пример на нашите еврејски војници“, […]

Вести

ВМРО-ДПМНЕ најави амандмани на Законот за јазиците, партиите на Албанците против негова измена

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека многу скоро ќе поднесе амандмани на Законот за употреба на јазиците, со кои, како што велат од партијата, ќе значат негово усогласување со препораките на Венецијанската комисија. Претседателот на […]

Вести

Илиевски најави кривична за Инспекцискиот совет зашто не постапил по одлуката на Антикорупциска

Инспекцискиот совет кој е формиран од Владата работи контра Антикорупциската комисија во однос на донесената одлука за поведување дициплинска постапка против главниот просветен инспектор Африм Салиу. Тоа е незаконито, несовесно и непрофесионално работење на претседателката […]