Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи и Клубот за младински прашања и политики при Собранието денеска со почеток во 13 часот во сала 6 во Собранието ќе го промовираат финалниот Документ за идно дејствување на Клубот пред пратениците. Настанот ќе се одржи во сала 6 во Собранието.
Од институтот информираат дека документот е изготвен од страна на ИДУЕП и Фондацијата „Фридрих Науман“ со цел предлог конкретни активности и мерки кои ќе водат кон подигнување на младинскиот стандард во земјата.
– Овој документ е дел од 6 месечен консултативен процес во кој беа вклучени различни граѓански организации кои застапуваат и работат со млади, а започна со организирање на јавниот настан на тема „Како до подобар младински стандард во 2023 година?“ кој во текот на месец декември 2022 година се организира во директна соработка со Клубот за младински политики при Собранието, се вели во соопштението.
Целта на оваа презентација со конкретни препораки и предлози за идното дејствување на Клубот за младински политики при Собранието 2023/2024, како што се наведува, е дополнително вмрежување на пратеничките и пратениците со различни граѓански организации кои застапуваат и работат со млади.
Истовремено, за време на овој настан, младинските граѓански организации ќе имаат можност отворено да разговараат за сите аспекти, односно предизвици и проблеми поврзани со младинскиот стандард, особено со нудење на конкретни решенија кои се единствено можни преку градење на соработки и заедничко дејствување меѓу властите, граѓанскиот сектор и сите други општествени чинители.
– Дел од темите кои се очекува да бидат опфатени се мерки и конкретни решенија за: корупцијата како главна причина за иселувањето на младите, условите за учење и студирање, условите за престој во студентски домови и објекти, студентскиот оброк, младинската вклученост во одлучувањето и младинското информирање и други видови на поддршка за младите на локално и централно ниво, велат од ИДУЕП.