Гоце Делчев, средновековниот и раноосманлискиот период – теми на онлајн средбата на македонските и бугарските историчари


Содржината во македонските учебници по историја за средновековниот период и раноосманлискиот период ќе биде тема на 11. средба на македонско-бугарската Мешовита комисија за историски и образовни прашања, која ќе се одржи денеска и утре. На претходната средба беа разгледувани и усвоени препораки за бугарските учебници за овие периоди.



Тема на разговор ќе биде и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев, а средбата ќе се одржи онлајн  поради состојбата со Ковид-19, информираат за МИА од Комисијата.

На еден ден пред средбата копретседавачите на Комисијата, македонскиот Драги Ѓоргиев и бугарскиот Ангел Димитров со различни ставови за последните случувања на реалција Скопје-Софија.

Димитров во изјава за Бугарската национална телевизија (БНТ) истакна дека постојат разлики меѓу политичарите и историчарите.

– Политичарите од двете страни сакаат напредок, но историчарите од македонска страна на комисијата прават се што е можно да не се случи тоа, смета тој.

Кажа дека со загриженост ја очекувал новата средба на Комисијата за историски прашања, но изрази надеж дека ќе направат барем еден мал чекор напред.

– Отсекогаш сакавме да работиме поинтензивно со стегнат ритам, но тоа не се случи. За следната година се планирани само пет состаноци, што не е доволно, вели Димитров, кој е и поранешен бугарски амбасадор во земјава. Тој смета дека ваквиот пристап го одложува решавањето на разликите во блиска перспектива.

Професорот Ѓоргиев, пак во изјава за Радио Слободна Европа изрази зачуденост од изјавата на неговиот колега, кој меѓудругото кажа и дека бугарската позиција е единствена и политички монолитна, за разлика од македонската.

-Зачуден сум од силната политичка изјава на колегата член на академско и експертско тело, и тоа во пресрет на новата средба. Ставот за монолитна политичка позиција во однос погледите за минатото е како оддек од едно друго време. Исто така, да се подредува нашата работа на политички барања и погледи е академски неприфатливо, вели Ѓоргиев.