Факултетите на УКИМ денеска отворени за средба со идните студенти


Матурантите кои избрале каде ќе студираат и тие што сѐ уште се двоумат каде ќе аплицираат на претстојното пријавување, денеска ги посетија факултетите на Скопскиот универзитет. УКИМ организира Отворен ден на сите факултети за да ги информира за детали од студиските програми, стипендирање и меѓународна размена, за разни активности на студентите, практикантство и за кариерните можности.

 

 

Некои и се пријавиле во системот за електронско аплицирање, кој е веќе отворен  пред официјалните датуми за пријавување за првиот конкурсен рок – 30 и 31 август.

Бојана Ингилизовска, матурантка во „Васил Антевски-Дрен“, е сигурна во изборот да студира на Правни студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

-Од малечка се интересирав за правото и затоа избрав Правни студии. Но и затоа што во нашата држава нема правда. Има толку  кривични случаи кои сѐ уште не виделе правда.  Од Правниот факултет  треба да излеземе едуцирани и да знаеме како да се снајдеме во такви ситуации. Верувам во себе и дека сѐ ќе си дојде на свое место,  изјави Бојана.

Дијана Вујиќ која матурирала во средното медицинско „Д-р Панче Караѓозов“, е заинтересирана за студии на Психологија на Филозофскиот факултет зашто смета дека менталното здравје е дури и побитно од телесното.

-Одлучив токму психологија бидејќи за многу луѓе околу нас не можеме да знаеме дека имаат проблем и да умееме како да откриеме што точно се крие во нив, рече Дијана.

На Филолошкиот факултет најголем интерес од идните студенти имало за студиските програми Англиски јазик и Преведување и толкување, за кои квотите за студенти во 2022/2023 се исти како и минатата академска година.

-Иако има интерес и за останатите други јазици и за другите студиски програми што ги нудиме, но доминантно е интересот за Англиски јазик. Исто така, ги информираме и за некои нејасности што ги имаат кандидатите за електронското пријавување, кое е прилично едноставно, изјави Дарко Митевски, библиотекар на Општа и компаративна книжевност, задолжен денеска да одговара на сите прашања на заинтересираните.

Своите студиски програми на информативни штандови ги претставува и Филозофскиот факултет. Деканот Ратко Дуев вели  дека нивниот е меѓу факултетите за кои има најголем интерес.

-Со години сме четврти факултет во државата по интерес за упис. Секоја година се обидуваме да внесеме новитети. Сега засилено работевме на дигитализација, опремување на слушалните со можност за далечинско, електронско учење, веќе имаат можност да работат на мудл платформа. Особено сме концентрирани на студенти со посебни потреби – направен се лифтови, означување за слабовидни, бидејќи  специјалната едукација и оние катедри на кои се изучуваат – Психологија, Социјална работа итн., се главно врзани за Филозофскиот факултет, истакна Дуев.

Засилено работат, рече, да им овозможат на студентите да се чувствуваат како дел од европскиот простор и, колку  што можат со средствата што ги имаат, да им обезбедат квалитетна настава и пријатен престој на сите студенти, па и на рангливите категории.

-Новата академска година наставата ќе ја почнеме со физичко присуство. Бевме принудени на дигитлна, онлајн настава, која покажа многу послаби резултати во знаењето на студентите и воопшто во самото завршно оценување. Но ќе продолжиме да ја користиме таа можност за оние студенти кои од разни причини нема да можат да ја следат, посочи деканот на Филозофскиот факултет.

За Отворениот ден на УКИМ Економскиот факултет имаше презентација во амфитеатар и организирано разгледување на факултетот за матурантите кои денеска го посетија со желба таму да студираат.

Продеканот за настава Љупчо Ефтимов ни изјави дека интересот за студирање е сѐ поголем од година во година и затоа организираат и повеќе инфоденови.

Факултетот нуди вкупно 700 слободни места на седум студиски програми што, според Ефтимов, се доволно широки квоти кои го апсорбираат целиот интерес на студентите.

-Ова е последниот од серијата Отворени денови кои ги организираме во текот на годината, последен е пред уписите. Одевме и во средните училишта и директно се обраќавме, но и овде, на самиот факултет. Очекувано е што има интерес затоа што Економскиот факултет-Скопје на идните бруцоши им нуди поприлично многу од современите знаења и современи концепции во областа на економијата и бизнисот. Нема никакви проблеми во пронаоѓање работа по дипломирањето, па дури и во текот на студирањето. Така што, идните студенти тоа го препознаваат и се гледа од самиот одѕив, истакна продеканот за настава на Економскиот факултет.