Еразмус-проектите развиваат лични и институционални капацитети


– По завршувањето на проектите од европската образовна програма Еразмус+, добитниците на грантови се враќаат со надградени знаења, подобри вештини и со голема желба повторно да искусат посета во странство или да бидат дел од соработка со училишта или факултети во Европа.

 

 

И во тековната седумгодишна Еразмус+ програма, која почна минатата и ќе трае до 2027 година, нашите студенти, наставници, професори, обучувачи, вработени во градинки, претставници на здруженија и граѓански сектор, истражувачки центри, правни лица имаат можност финансиски да бидат поддржани за реализација на нивните идеи од областа образование, обука, млaди и спорт. Вкупниот буџет на европско ниво е 26 милијарди евра за целата програма и за целиот период, а на нашата земја на располагање  ѝ  се околу шест милиони евра оваа година. Овие средства се очекува континуирано да се зголемуваат во следните години со што ќе се овозможи поголема поддршка и учество на сите заинтересирани.

Проектите може да се поднесат или аплицираат во една од двете клучни акции (КА) кои ги раководи Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (НАЕОПМ) во рамки на Еразмус+ програмата: КА1 – Индивидуални мобилности  и КА2 – Партнерства за соработка, и задолжително треба да содржат некој од четирите приоритети на програмата Еразмус+ воспоставени од Европската комисија: Инклузија и различност, Дигитална трансформација, Животна средина и борба со климатските промени (зелена агенда) и Учество во демократскиот живот.

Националната агенција е задолжена за имплементација и мониторирање на програмата  Еразмус+ од страна на Европската комисија. Директорот Марко Ѓоргиевски вели дека имаат многу успешни и убави Еразмус-приказни од поединци и од партнерства со сродни институции од други држави, така што некои грантисти повторно имаат нови апликации, а се зголемува и бројот на новодојдени кои првпат пријавуваат проекти.

Кога станува збор за училиштата, сепак, различен е одѕивот на повиците за апликации. Ѓоргиевски посочува дека има училишта и градинки од мали општини со по неколку успешни проекти, а од друга страна – образовни институции од главниот град кои не аплицираат за да ја искористат можноста што им се нуди. Тоа се должи на немањето голем интерес, недоволна информираност, незнаење да се аплицира, иако потенцијалните апликанти имаат на располагање техничка и советодавна помош и поддршка од Агенцијата. Имало и случаи кога проектот е заглавен поради несогласување меѓу раководството што треба да продолжи да го реализира проектот со претходен координатор/наставник, а всушност образовната институција е апликант и тие го добиле тој проект. Најголемата штета е кога токму од вакви причини пропаѓаат европски пари за одобрен проект.

-Неаплицирањето значи неискористување на можностите, неодење напред, значи невложување во своите капацитети и во капацитетите на својата организација/институција. Тоа значи незапознавање нови култури, нови места, нови луѓе, нови пријателства, но и стопирање на можноста за развој и креирање на подобро утре за сите, изјави за МИА директорот Ѓоргиевски.

Кога не се реализира воопшто проектот или кога се реализира недоволно квалитетно, вели тој, средствата се враќаат во Агенцијата и потоа тие ги враќаат во Европската комисија.

-Затоа апелираме да имаме што е можно помалку вакви случаи и средствата да се користат транспарентно и домаќински, додаде Ѓоргиевски.

           Осумдесет отсто од Еразмус-студентите се вработуваат шест месеци по дипломирањето 

Најголем дел од средствата од Еразмус+, односно 40 проценти, се  искористуваат за проекти во високото образование – за индивидуална мобилност на студенти и професори и за партнерска соработка со факултети од други земји.

Александар Богојевски, раководител на Одделението за мобилност во високото образование во НАЕОПМ, вели дека се реализирани околу 2000 излезни мобилности и 2300 влезни.

Влезните мобилности даваат дополнителен импакт во националната економија со оглед на тоа дека средствата се трошат и остануваат во нашата земја, за сместување, храна, трошоци за секојдневни активности и слично.

Покрај во индивидуалните мобилности, нашите институции и организации се активни и во Стратешките партнерства (Клучна акција 2) каде често се и носители на проект. Досегашното искуство покажува дека најмногу соработки има со високообразовни институции од Бугарија, Романија, Хрватска, Словенија, Италија и Турција, што е поврзано и со стандардот на земјата во која се престојува т.е. трошоците за живот.

Богојевски вели дека за разлика од првата година, 2009-та, кога на повиците аплицирале само три универзитети – УКИМ, УКЛО и ДУТ, сега во Еразмус-програмите се вклучени сите 25 високообразовни институции во земјава. На повикот во февруари годинава биле поднесени и одобрени 22 апликации.

-Во овој повик забележуваме дека апликантите акцентот го имаат ставено на инклузија и дигитализација во високото образование што е во согласност со приоритетите на програмата Еразмус+, наведува тој.

Според анализата што ја направи НАЕПОМ за минатата програма 2014-2020, околу 80 отсто од Еразмус-студентите се вработуваат по шест месеци од нивното дипломирање, 94 отсто од корисниците  подобриле некои вештини, вклучително и јазичните, а 84 отсто повторно би оделе некаде преку оваа европска образовна програма. 

                     Транспарентност во процесот на оценување на проектите од апликантите

Од формирањето во 2008 година Националната агенција беше во фокусот на јавноста во врска со распределбата на европските пари, а имаше и проекти под истрага кои беа суспендирани. За да отстрани сомнежи за неправичност и ризици од конфликт на интереси и за да ја подобри постапката за доделување на средствата, Агенцијата ја унапреди транспарентноста во процесот на оценување на проектите.

Ѓоргиевски вели дека првпат покрај одобрените, се објавуваат и апликациите кое се на резервна листа и, исто така, одбиените проекти односно тие што не го поминале прагот од 60 поени при квалитативното оценување што е во согласност со правилата на програмата Еразмус+.

Важно е да се напомене дека, за разлика од минатите години, кога за оценување на проектите беа ангажирани мал број надворешни експерти – евалуатори, Агенцијата сега има база од над 70-ина евалуатори – искусни надворешни соработници и професионалци од различни профили и полиња, избрани на јавен повик кои не се нејзини вработени.

Како што појасни Ѓоргиевски, пристигнуваат околу 200 апликации по повик и тие најпрво автоматски,  по случаен избор, се распределуваат според висината на грантот. Оние од над 60.000 евра ги разгледуваат двајца наместо еден евалуатор. Овој процес низ кој минува проектот при автоматското распределување од оваа година се следи и во живо на фејсбук-страницата на НАЕОПМ.

По добиената оценка од евалуаторите, проектот продолжува пред петчлена евалуациска комисија номинирана од претставници од државни институции која следи дали процесот е во согласност со критериумите и правилата на програмата Еразмус+ назначени од  Европската комисија – во различните фази од процесот: од аплицирањето, преку проверка на техничката документација до квалитативната проценка. Според утврдената ранг-листа, корисниците добиваат решение за грантирање на проектите.

Покрај посветеноста да има добра репутација и да биде транспарентна при оценувањето на апликациите, на Агенцијата исто така ѝ е важно и повиците за доделување грантови од програмата Еразмус+ да станат видливи и да допрат до што повеќе потенцијални корисници.

Затоа организира и онлајн-презентации  и инфоденови за сите заинтересирани страни кои, за сите идни настани, може навремено да се информираат следејќи ги профилите на социјалните мрежи и веб-страницата на Националната агенција.

-Еразмус+ нуди можности за сите, од најмлад до највозрасен. Важно е да имаме идеја која со својата реализација ќе направи промени на повеќе нивоа: локално, национално или европско и со тоа ќе се креира средина во која секоја индивидуа ќе може да го достигне својот максимум потенцијал, истакна Ѓоргиевски.

Хатка Смаиловиќ