„Дали сте за промена на името на државата Македонија во држава Северна Македонија“ – целосен текст на Предлогот за нов референдум



Граѓанската иницијатива за собирање потписи од најмалку 150.000 избирачи за распишување на дополнителен референдум за одлучување на граѓаните на целата територија на Република Македонија, на сто седумдесет и девет граѓани, доставена преку овластениот предлагач Тодор Петров, е на дневен ред на денешната Законодавно-правна комисија. „Дали сте за промена на името на државата Македонија во држава Северна Македонија?“, е прашањето кое се предлага да биде референдумско прашање.


 

Предлогот за поведување граѓанска иницијатива на државно ниво доби зелено светло од Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. Во материјалот поднесен до пратениците, кој е објавен од страна на Собранието, подносителот на иницијативата се повикува на Уставот на Република Македонија и на Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните.

Граѓаните на Република Македонија, се вели во Предлогот,  власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

„Собранието одлучува за распишување на референдум за одделни прашања од својата надлежност со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Одлуката на референдумот е усвоена, ако за неа гласало мнозинството од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број избирачи.

Собранието е должно да распише референдум кога предлог ќе поднесат најмалку 150.000 избирачи.

Одлуката донесена на референдумот е задолжителна“, се пропишува во членот 73 од Уставот, на кој упатува Предлогот.

Во Предлогот се упатува и на Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, во кој се пропишува дека „Граѓанска иницијатива може да се покрене за поднесување предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, предлагање за донесување на закон и за распишување на референдум на државно ниво.“

Предлагачот на иницијативата бара од претседателот на Собранието да се утврди уредноста на иницијативата во рок од 3 дена, по што би започнала постапката за собирање на потписите.

Во образложението за потребата од референдум предлагачот се повикува на декларациите за сувереност и меѓународно признавање на Македонија, како и на референдумот за сувереност од 1991 година, но и на референдумот за Договорот со Грција, на кој, како што се потенцира во иницијативата, одлуката не била усвоена поради непостоење на потребниот  цензус. Во Предлогот за распишување на нов референдум се вели дека Договорот од Преспа е нелегален, спротивен на Уставот и спротивен на Виенската конвенција за договорно право.

извор akademik.mk