Ангеловска-Бежоска − Салас: Банкарскиот сектор во земјава е стабилен и сигурен

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Банкарскиот сектор во земјава е стабилен и сигурен, што во голема мера се должи на политиките и макропрудентните мерки коишто ги носи Народната банка за одржување на финансиската стабилност. Ова беше посочено на средбата којашто се одржа помеѓу гувернерката на Народната банка и Хесус Сарина Салас, член на Единствениот одбор за решавање банки, институција при Европската банкарска унија чија цел е навремено справување со проблемите во работењето на банки, а со тоа и обезбедување финансиска стабилност. На средбата беше истакнато дека банкарскиот сектор кај нас е регулиран во согласност со највисоките стандарди во ЕУ, како што покажуваат и оцените на Европската комисија за високата усогласеност на банкарската регулатива и супервизорската рамка со стандардите во ЕУ.



„Солвентноста на банкарскиот систем бележи подобрување, а стапката на адекватност на капиталот достигна ниво од 19% на крајот на првото полугодие од 2024 година, коешто е највисоко од 2006 година наваму. Повисоките показатели за солвентноста во голема мера произлегуваат од повисоките регулаторни и супервизорски барања во врска со капиталот на банките, што пред сѐ е поврзано со заштитните слоеви на капиталот и капиталниот додаток утврден врз основа на супервизорска оцена. Имајќи предвид дека Народната банка во неколку наврати ги зголеми барањата за капитал во врска со противцикличниот заштитен слој на капиталот, коишто ќе започнат со примена во наредниот период, се очекува дека солвентноста на банкарскиот систем и натаму ќе се подобрува“, велат од Народната банка.

На средбата стана збор и за Законот за решавање банки, со кој на Народната банка ѝ се доверува вршење активности за справување со проблемите во работењето на банки, односно подготвителни активности, започнување на постапката на справување со проблемите во работењето на банки и примена на инструментите и овластувањата за справување со проблемите во работењето на банка. Во тек е изработка на подзаконската регулатива за примена на Законот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK