За второто пријавување во јуни за упис во средните училишта во учебната 2023/2024 годна има слободни места за 23 903 ученици. По првото пријавување во јунскиот уписен рок, останати се 5438 слободни места во гимназиското и 18 059 места во стручното образование.
Како што информираше МОН, според наставниот јазик, 18 002 места се слободни за настава на македонски јазик, 5 227 за албански наставен јазик, 612 за настава на турски јазик и 62 слободни места се за српски наставен јазик.
Резултатите од првото пријавување за упис покажуваат дека речиси двојно повеќе ученици се запишале во стручните училишта отколку во гимназиите – од 12 996 запишани (од 16 007 пријавени), 8235 ученици се запишале во стручно образование, а 4606 во гимназиско.
Поради пополнети места на првото пријавување, конкурсот е завршен за повеќе струки во училишта низ земјава и нема да примаат апликации на второто пријавување.
Слободни места нема за насоки од градежно-геодетска струка во училиштата „Нико Нестор“ во Струга и „Гостивар“ во Гостивар, за профили од графичка струка нема места во „Ристе Ристески Ричко“ во Прилеп, за економско-правна и трговска струка заврчен е конкурсот за некои образовни профили во училиштата „Цветан Димов“ во Скопје, „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид, „Добри Даскалов“ во Кавадарци, „Јане Сандански“ во Битола, „Јане Сандански“ во Струмица, „Перо Наков“ во Куманово, „8 Септември“ во Тетово и во „Васил Антевски Дрен“ во Скопје (за образовниот профил техничар за е-трговија и дигитален маркетинг на македонски наставен јазик).
За насоки од електротехничка струка, конкурсот е завршен во училиштата: „Коле Нехтенин“-Штип, „Коле Неделковски“-Велес, „Гостивар“-Гостивар, „Илинден“-Илинден, „Ѓорѓи Наумов“-Битола, „Ѓошо Викентиев“-Кочани, „Ѓорче Петров“-Крива Паланка, „Наце Буѓони“-Куманово, „Св. Наум Охридски“-Охрид, „Ристе Ристески Ричко“-Прилеп, „Богданци“-Богданци и „Никола Карев“-Струмица.
Нема слободни места за некои образовни профили од здравствена струка во училиштата: „Јане Сандански“-Штип, „Димитрија Чуповски“-Велес, „Гостивар“-Гостивар, „Ѓорче Петров“-Кавадарци, „Мирко Милески“-Кичево, „Наце Буѓони“-Куманово, „Д-р Панче Караѓозов“-Скопје (за образовните профили медицинска сестра на албански наставен јазик, забен техничар на албански наставен јазик и физиотерапевтски техничар на македонски јазик), „Д-р Јован Калаузи“-Битола, „Цветан Димов“-Скопје, „Нико Нестор“-Струга и „Никола Штејн“-Тетово.
За насоки од струката лични услуги, конкурсот е завршен во средните училишта:
„Шаип Јусуф“-Скопје, „Сарај“-Скопје и „Никола Штејн“-Тетово, а од машинската струка – за одредени образовни профили во: „Коле Неделковски“-Велес, „Наце Буѓони“-Куманово, „Боро Петрушевски“-Скопје.
Во угостителско-туристичката струка, пополнети во првото пријавување се образовните профили келнер, готвач и слаткар на македонски наставен јазик во „Коле Неделковски“-Велес, а од хемиско-технолошката струка – во „Марија Кири Склодовска“-Скопје и „Нико Нестор“-Струга, во двете училишта нема места за профилот хемиско лабораториски техничар на албански наставен јазик.
Во „Георги Димитров“-Скопје нема места за техничар за мебел и ентериер на македонски наставен јазик.
Согласно Конкурсот на МОН, во училиштата каде во конечната ранг-листа има поголем број ученици со исти бодови се организира квалификациско тестирање по наставниот материјал од осмо и деветто одделение. Оваа година квалификационото тестирање се организира во „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје (за образовните профили фармацевтски техничар на албански наставен јазик).
За запишување во гимназиско образование, пак, пополнети се сите места само во гимназиите „Никола Карев“ и „Георги Димитров“ во Скопје.
Во средните училишта во кои се реализираат наставни планови и наставни програми за уметничко образование квалификационото тестирање се организира денеска.
Според конкурсните рокови на МОН, второто пријавување ќе се врши утре (27 јуни) до 24 часот и на 29 јуни до 10 часот. Ранг-листата на запишани ученици треба да се објави на 29 јуни на e-uslugi.mon.gov.mk и на www.mon.gov.mk најдоцна до 13 часот.
Доставувањето на потребената документација до училиштата е на 29 јуни од 15 до 19 часот и на 30 јуни од 7 до 19 часот, согласно изготвен распоред од страна на училиштето.
Конечната ранг-листа за секое училиште со резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени на 1 јули 2023 најдоцна до 12 часот на огласната табла на училиштето и на www.mon.gov.mk.